Бујар Османи и Артан Груби влегоа во војна – една навидум обична преписка на социјалните мрежи меѓу двајца нивни поддржувачи ја отвори Пандорината кутија за сè подлабоките внатрешни тензии и судири во ДУИ и разнишаната позиција на вечниот Али Ахмети. Првиот удар дојде од аналитичарот Сефер Селими, кој важи за човек близок до Османи, додека веднаш во одбрана на Груби застана неговиот верен соработник Артин Спахиу.
„Артан Груби си има свои маки, но неговите маки не се маки на Албанците. Исто како што не беа ниту тогаш – кога, наместо да се занимава со проблемите со кои се соочуваа Албанците – во време кога имаа поголема моќ од кога било претходно – тој беше преокупиран со „СРМН“. Груби има свои прашања за расчистување во однос на правосудниот систем и американската „црна листа“. Тоа се негови лични работи и не смее да се дозволи тие да станат товар за албанскиот народ. Артан повеќе не може да ја диктира албанската политика во Северна Македонија преку сеење раздор во ДУИ“, напиша Селими.
Овој став се толкува како директен внатрепартиски напад врз Груби, пред сè затоа што Селими со години е познат по своите ставови во поддршка на политиките на ДУИ и блискоста со актуелниот потпретседател на партијата, Бујар Османи. Истовремено, доаѓа во период кога во ДУИ сè почесто се шпекулира за внатрепартиски судири околу влијанието и раководењето со партијата.
На овој удар реагираше Артин Спахиу, човек лојален на Груби, кој го обвини аналитичарот дека паднал во замката на, како што ги нарекува, клеветите и политичките конструкции насочени против Артан Груби.
„Сефер, и ти си паднал во замката на клевети и конструирани приказни – кои „ВЛЕН“, во содејство со одредени поединци во рамките на ДУИ, се обидуваат да ги наметнат во јавноста – претставувајќи го Артан како причина за евентуален раскол во ДУИ… Едно нешто можам да гарантирам: дури и од позицијата на која се наоѓа во моментов, Артан работи за ДУИ повеќе отколку голем дел од нејзиното сегашно раководство. Затоа, сметам дека не е мудро во овој момент да се зазема став против Артани, кој денес ужива најголем авторитет во јавноста и е единствената „жртва“ – политички прогонувана токму поради својата работа за ДУИ и за доброто на Албанците.“
Во својата реакција, Спахиу упати обвинувања и кон други фигури во ДУИ, тврдејќи дека токму фракциите, заминувањата и личните интереси на одредени поединци ја оштетиле партијата. Според него, Груби се претставува како „жртвено јагне“ за да се прикријат одговорностите на другите.
Судирот меѓу двата става на површина изнесува можна поделба во рамките на ДУИ. Од една страна се оние кои се залагаат за дистанцирање од Артан Груби, додека од другата страна се луѓето кои продолжуваат јавно да го бранат. Во позадината на оваа дебата се споменува и можниот ривалитет меѓу Артан Груби и Бујар Османи, две фигури кои имаа значително влијание во ДУИ.

