Успешен старт на предвремениот откуп на тутунот од годинашната реколта, која се очекува да тежи од 26 до 30 милиони килограми висококвалитетен тутун. На првиот откупен ден невообичаено висок интерес кај тутунопроизводителите за да го предадат родот, кој пак се цени по 435 ден. за килограм за прва класа. Над 96 проценти од предадениот тутун денеска се вреднуваше како прва класа.
„Седум декари имаме насадено површина и очекуваме околу 2 тона да имаме. 435 ден. ни е за првата класа и останатите класи 370 и 310 ден., мислам дека се“ – кажа еден тутунопроизводител.
„Ми беше сработен, го испеглавме и дома нема каде да стои. Имаме скоро 900 кила, двајца сме, па помалку… Рекоа дека „кец“ ќе оди, па ќе видиме“, рече друга производителка.
„27 картони, убаво помина. Малку цената можеше да биде повисока, ама задоволни сме. Моменталната цена е 435 денари за „кецот“, а „двојката“ 370 и „тројката“ – 320. Сѐ во „кец“ поминува, задоволен сум“ – ни рече трет тутунопроизводител.
„Тутунарите сакаат што побрзо да го предадат својот род и да дојдат до финансиски средства, а ова се должи сето на исплатливоста на културата, така што од ден во ден сѐ поголем ќе биде бројот на кооперанти кои ќе сакаат да го предадат тутунот од оваа реколта“ – посочи Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Откупните пунктови на прилепскиот Тутунски комбинат, вкупно 34, денеска први ги отворија сите ваги во цела Македонија. Според ресорниот министер, кој беше во посета на Откупната станица во Прилеп, постигнатата откупна цена е солидна, а најави и зголемување на субвенциите за плус 10 денари по килограм тутун.
„Во разговор со Сојузот на тутунари и со останатите тутунари, ќе предложиме ново решение, односно зголемување на субвенцијата од 80 на 90 денари, од причина што сакаме да излеземе во пресрет на поголем дел тутунари и земјоделци кои што го предаваат својот тутун, односно ќе предложиме измени во самата Програма – основната мерка и „зелената нафта“ да бидат укинати, но затоа да добијат дополнителни 10 денари субвенција на тутунот“, изјави Борче Серафимовски, министер за земјоделство.
Од Тутунскиот комбинат велат дека годинава ќе откупат околу 2.600.000 килограми тутун, а исплатата ќе се врши редовно двапати неделно. Денеска свои пунктови отворија и 4 други откупувачи, а во наредните денови се очекува тоа да го сторат и останатите 6 откупни компании.

