Градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити, за време на посетата на Косово, остварил средба со Халил Кастрати, раководител на хуманитарното здружение „Сирачињата на Балканот“, на која, како што информираат од општината, разговарале за можностите за соработка во реализацијата на проект од особено социјално и образовно значење – изградбата на училиштето „Иднина“, за деца со посебни потреби, во Чаир.
Во рамките на посетата, Меџити одблиску се запознал и со хуманитарната дејност на здружението, преку посета на домот за стари лица.
– Изградбата на училиштето „Иднина“ е проект од особено значење за Чаир и за семејствата кои очекуваат подобри образовни услови за своите деца. Станува збор за објект со површина од околу 2.000 м², со капацитет за 200 деца и предвидена инвестиција од околу 2 милиони евра. Нашата цел е да создадеме институција со соодветни простории за учење, терапија и развој, приспособени на индивидуалните потреби на секое дете – истакна Меџити, се вели во соопштението од Општина Чаир.
Меџити нагласил дека соработката со здружението „Сирачињата на Балканот“ претставува значајна можност за координирање на институционалните и хуманитарните напори во насока на реализација на овој проект.
– На семејствата им е потребна конкретна поддршка, а децата заслужуваат достоинствени услови за учење, развој и изразување на своите способности. Токму затоа сакаме да ги обединиме искуството и посветеноста на Халил Кастрати со ангажманот на Општина Чаир, за овој проект да стане реалност – изјавил Меџити.

