Деветнаесетгодишниот Арди Саити од Куманово добил условна осуда со утврдена затворска казна од три месеци, откако самиот признал вина за кривичното дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“.
Случајот е поврзан со истакнување знаме со симболика на „Голема Албанија“ за време на прославата на албанскиот Ден на знамето. Според пресудата, на 28 ноември 2025 година, околу 21:45 часот, на улицата „Трета МУБ“ во Куманово, за време на организирана прослава на албанскиот Ден на знамето, Саити од автомобил „Форд“ истакнал две знамиња. Едното било знаме со симболика на т.н. „Голема Албанија“, а другото било знаме со симболи на УЧК. Според „Коха“, во прославата учествувала колона од околу 20 автомобили, а Саити бил сопатник во возилото. Во судската пресуда се наведува дека обвинетиот со умисла предизвикал омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност и државјанство, а неговото постапување предизвикало вознемиреност и реакции кај присутни граѓани од други етнички заедници.

