Кристијан Корабоски, кој брутално ја претепа својата девојка – 26-годишната Сара Ѓоргиеска, од синоќа е во триесетдневен притвор во охридскиот затвор. Бидејќи се работи за итен предмет, на обвинителна клупа тој ќе седне на 27-ми овој месец, кога со одржување на главната расправа ќе почне судскиот процес против него.
Инаку, притворот му е определен поради опасност од бегство и повторување на делото. Пред судот тој се изјаснил за невин и тврдел дека ќе го докаже спротивното.
„Синоќа се одржа рочиште по итна постапка, ОЈО поднесе обвинителен предлог за три кривични дела и барање за посебна мерка 30 дена притвор поради опасност од бегство и повторување на кривичното дело. Основниот суд во целост ги прифаќа наводите и го потврдува барањето на обвинителството“, велат од Основен суд Охрид.
Обвинителството го товари за три кривични дела: телесна повреда при вршење на семејно насилство, противправно лишување и загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство.
По пријавувањето на настанот, на Корабоски првично му беа изречени само мерки на претпазливост. Тие вклучуваа одземање на пасошот и забрана за приближување до оштетената на помалку од 50 метри. По силните реакции во јавноста и појавата на нови околности, Корабоски вчера повторно беше приведен во полициската станица. Во меѓувреме, обвинителството ја испита оштетената во присуство на социјалните служби и нареди медицинско вештачење за видот и карактерот на повредите.
Петчасовното испитување на девојката, која беше хоспитализирана во болницата „Свети Еразмо“, покрај главниот обвинител Стојанчо Арнаудов, го вршеше и жена обвинител за да се испочитуваат протоколите за заштита на жртвата од повторно изложување на трауми и страдања.
При вршење семејно насилство, Корабоски противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил нејзината сигурност.

