„Алта Банка Битола“ оди на продажба. На крајот од месецов за битолската банка ќе биде распишана аукција со која ќе се бара нов сопственик. Народната банка објави дека се исполнети условите за продажба на уделот на доминантниот сопственик „Алта Банка“ АД Белград во Стечај. На инвеститорите ќе им се понудат 337.742 акции или над 95 проценти од уделот. Понудата е по принципот се или ништо. Ова се поставените правила на тргување од страна на Народната Банка, која назначи привремена управа на битолската банка.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година. Почетната цена е утврдена врз основа на тековната берзанска цена и изнесува 3.777 денари по акција, стои во соопштението од Народната Банка.
Но, од Народната Банка дополнуваат дека, доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните аукции ќе се одржуваат последователно, на 1, 2, 3, 4 и 7 декември 2026 година. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10% во однос на почетната цена на претходната аукција, со што се очекува банката на крајот од првата недела на декември да се продаде. Почетната цена за целиот пакет е 22.9 милиони евра.
Заинтересираните инвеститори треба најдоцна до 19 ноември 2026 година да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во Банката, како и писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата потребни за купување на акциите. На аукциите ќе можат да учествуваат лицата што ги исполнуваат законските услови, додаваат од НБРМ.
Продажбата според упатените сигурно дека ќе предизвика интерес, ако се има предвид дека банката е ликвидна и стабилна и не беа регистрирани какви било одливи и сомнителни трансакции. Народната банка веќе соопшти дејка во игра се најмалку шест банки и уште неколку финансиски институции со кои имало и преговори. Банката веќе десетина дена работи нормално. Од денеска е отворена и филијата во Прилеп каде граѓаните си ги подигнуваат парите, а од минатат недела е нормализирана исплатата на плати и пензии преку банката.

