Бугарската самосвест бесплатна е само во Македонија, слободата во бегство во Бугарија скапо се плаќа. Тоа сега барем на своја кожа го почуствува бегалката од македонската правда, Ива Михаилова, која јавно мора да зборува против земјата во која се родила. Закани, притисоци, услови. Самата таа обелодени дека била контролирана од бугарската тајна служба и дека и било укажано што смее, а што не смее да зборува, инаку во спротивно би останала без лекувањето и помошта кои што ги добива од бугарските власти.
Според познавачите сега барем на сите им станува јасна политиката на Софија, односно на секој можен начин да се искриви сликата за Македонија и да се држат под некаква тензија меѓусебните односи. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, смета дека доказ за тоа е и случајот со Христијан Пендиков.
-Зад сето тоа што ни се случува последниве години, а тоа жестока и сериозна бугарска агресија стои бугарската држава. Ние се уште не сме го сфатиле тоа и дозволуваме да бидеме често изненадени. На пример дозволивме да воен авион доаѓа во Охрид да зема криминалец, тоа не се прави. Велам со тоа на некој начин ги поддржуваме тие бугарски аспирации и ова сега е само едно финале и велам многу е добро што Бугарите сами се разоткрија и што покажаа што прават, изјави Никовски.
Македонија долги години е меѓу главните во фокусот на бугарската држава и служби без разлика кој е на власт. Пример за тоа беше и масовното отворање бугарските таканарачени културни клубови во државава, чија јасна цел беше провокации и правење тензии. Според Никовски ова е пораз за тајните служби во Софија, но и добро е што конечно се откриваат сите работи.
-Се открија картите, али велам знаете лошите дела секогаш ќе се откријат, прашање е само на време. Али велам, познато беше и беше јасно дека тоа не се играчки сите тие потези кои што ги прави бугарската власт. А велам ние сме на потег, бидејќи додека не ги расчистиме односите со Бугарија на една генерална основа, Македонија нема што да бара во Европската Унија, изјави Никовски.
Во тајно снимените разговори, чии делови ги објави бугарскиот јутјубер Станислав Цанов, Ива Михаиола открива дека добивала конкретни насоки за тоа каде и пред коого може да настапува во јавноста. Според нејзиното сведоштво, првото интервју морала да го даде кај новинарот Мартин Карбовски, кој важи за близок до бугарската власт и кој веќе објави разговор со неа и нејзиниот адвокат. По објавените разговори, сосем други зборови на Ива Михаилова на социјалните мрежи. На Фејсбук пишува дека никој во Бугарија не ја принудувал на ништо и од целиот бугарски народ чуствувала поддршка.
Матеја Петровски

