Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска на конференцијата „Од заеднички приоритети до конкретни заложби“ го претстави националниот акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2026–2028 година, кој е резултат на повеќемесечен процес на консултации, дијалог и заедничка работа меѓу институциите и граѓанските организации.
Минчев истакна дека отвореното управување не смее да се сведе на формална обврска, туку мора да стане суштински принцип на функционирање на институциите, препознатлив преку транспарентното одлучување, отчетноста и непосредното вклучување на граѓаните во креирањето на јавните политики.

-Граѓаните со право очекуваат достапна, професионална и ефикасна администрација, која обезбедува квалитетни јавни услуги и навремено одговара на нивните потреби. Но, подеднакво важно е институциите да бидат транспарентни во своето работење, да ги образложуваат одлуките и да создаваат можности граѓаните да учествуваат во креирањето на јавните политики – нагласи министерот.
Националниот акциски план опфаќа четири приоритетни области: спречување на корупцијата, граѓански простор и учество, дигитално управување, како и климатски промени и животна средина. Предложените заложби се насочени кон поголема транспарентност и јавен надзор врз користењето на јавните ресурси, унапредување на граѓанското учество и полесен пристап до податоци од јавен интерес.
Посебен акцент, како што рече, бил ставен на значењето на интегрираниот пристап кон отвореноста на државата, преку трите нејзини компоненти – Отворена влада, Отворен парламент и Отворено судство. Министерот посочи дека транспарентноста и отчетноста се заедничка одговорност на извршната, законодавната и судската власт и дека отворена држава може да се гради единствено преку координирана институционална посветеност.
Минчев ја истакна и улогата на граѓанските организации во процесот на ко-креирање на јавните политики, нагласувајќи дека вистинското партнерство подразбира отвореност кон различни мислења, аргументи и искуства, со цел да се дојде до решенија што се истовремено потребни, правно засновани и институционално остварливи.

-Вистинското партнерство не подразбира секогаш да имаме идентични ставови. Тоа подразбира подготвеност да ги слушнеме различните аргументи и заеднички да дојдеме до подобри и поодржливи решенија – нагласи министерот.
Според него, во претстојниот период, процесот ќе продолжи со финализирање на предложените заложби, усогласување на преостанатите прашања и подготовка на Планот за усвојување, планирано до крајот на 2026 година.
-Отвореноста не треба да биде дополнителна обврска на институциите. Таа треба да стане нивен природен начин на работа, препознатлив во секоја одлука, секоја услуга и секој однос кон граѓаните. Нашиот следен предизвик е заедничките заложби да ги претвориме во резултати, резултатите во трајни подобрувања, а тие подобрувања во поголема доверба на граѓаните во институциите – заклучи Минчев.
Министерството за јавна администрација ќе продолжи да ја обезбедува потребната координација и институционална поддршка, во соработка со институциите носители, Советот за Партнерство за отворена власт и граѓанските организации, со цел да се обезбедат континуитет во спроведувањето и транспарентно следење на постигнатиот напредок.

