Социјалдемократскиот сојуз продолжува да ја губи поддршката од членството. Триесеттина членови од општинската организација на СДСМ Ѓорче Петров преминаа во политичката партија ЗНАМ. Од партијата на Максим Димитриевски соопштија дека овој чекор е уште потврда за состојбата во која се наоѓа СДСМ.
„Отсуството на јасна политичка визија и губењето на довербата кај граѓаните се дел од причините поради кои членството ја напушта партијата.Новите сопартијци ги пречекаа Генералниот секретар на Движење ЗНАМ, Горан Минчев и претседателот на ОО Движење ЗНАМ – Ѓорче Петров, Славољуб Тотиќ“, соопшти ЗНАМ и објави фотографии.
СДСМ пак повторно со добро познатите обвинувања кога некој ќе му се спротистави на раководството и политиките кои ги водат, дека оние кои ги напуштиле работеле за власта. Од Бихаќка велат дека ЗНММ и ЗНАМ 2.0 како што ја нарекуваат платформата 12:05 биле алатка на Мицкоски.
„ Партиските редови на СДСМ денес се почисти за неколку лица кои ровареле по партијата. Кога ги откривме сите оние кои за пари се обидуваат да ја спречат борбата против мафијата, неколкумина брзо-брзо преминаа во ЗНАМ. Максо го наплати предавството на партијата и гласачите. Сега ја извршува последната задача – да го собере она што им останало од нивната екипа во нашите редови. “, велат од СДСМ.
Според поранешни исткнати фукцнионери на СДСМ, овие преминувања се потврда за немањето демократски капацитет во СДСМ да се слушнат различните мислења и ставови.
„Јас ги знам овие луѓе кои беа активни во нивната општинска организација.Но, она што го имам слушнато и што имам разгиварано веќе подолго време не добиваат на разбирање дека треба некои работи да се променат кај нив во општинската и дека некои работи се повторуваат како што се повторуваа и во минатото што доведе до тој лош резултат на СДСМ и дека гледаат дека нема иднина понатака. И затоа се одлучиле на овој чекор, каде што преминуваат кај поранешни свои сопартијци кои исто ги познаваат, којшто многу порано имаат напуштено, имаат направено политичка партија, тоа е ЗНАМ и си бараат свое место во политичката сцена“, вели Саша Богдановиќ, поранешен функционер во СДСМ и градоначалник на општина Центар.
Богдановиќ очекува дека СДСМ ќе продолжи да се раслојува и ќе има одлив на партиското членство кон други политички субјекти. Според него и голем дел од активистите на СДСМ се пасивизирале, не сакаат да работат за партијата, дел преминале во други партии, а некои веќе престанале и да се занимаваат со политика. Ако се продолжи со ваква партиска стратегија, Богдановиќ предупредува дека може да дојде и згаснување на партијата.

