Силна е битката на Македонците во Мала Преспа за зачувување на македонскиот идентитет. Велат дека се соочуваат со обиди за негова промена и негирање преку активности на бугарски здруженија кои, преку хуманитарни акции, сакаат да ја извртат вистината и да создадат поинаква слика за националната припадност на населението во Мала Преспа.
„Сега последно гледаме дека си играат и го злоупотребуваат дури и здравјето на луѓето. Доаѓаат доктори од Бугарија, прават бесплатни прегледи, а потоа го прикажуваат како хуманитарни акции кај бугарското население во Мала Преспа. Реално, таму нема Бугари, освен Македонци. Ние знаеме што сме и не треба никој од страна да ни кажува“, изјави Едмонд Темелко, македонски политичар во Албанија.
Иста борба за зачувување на македонскиот идентитет водат и Македонците во Грција. Архимандритот и борец за човекови права Никодим Царкњас сведочи за притисоците поради кои ја напуштил Грчката црква.
„Моето македонско срце не можеше веќе да застане на тие неубави работи што ги правеше Грција на нашиот народ. Затоа избегав од Грчката црква и се приклучив на Македонската уште пред тие да ме истераат“, изјави архимандритот и борец за човекови права Никодим Царкњас.
Токму зачувувањето на македонскиот идентитет и поврзувањето на Македонците од Егејскиот, Пиринскиот дел и од Албанија е целта на Семакедонската средба, која традиционално се одржува во Штип.
„Да упатиме порака дека постоиме и дека онаа неправда која ни е нанесена е голема и бараме да се реши нашиот статус, односно решавање на статусот на сите Македонци надвор од Македонија“, изјави Трајче Димков, претседател на Здружението „Мирка Гинова“.
Семакедонската средба се одржува повеќе од три децении, каде што Македонците од двете страни на границите ги споделуваат своите искуства во борбата за зачувување на македонскиот идентитет.

