Дијабетесот да се открива навреме пред да остави сериозни последици. Во Македонија, околу 135 илјади граѓани живеат со оваа болест, а неофицијалните бројки се поголеми зошто некои луѓе имаат асимптоматичен дијабет кој подоцна се открива. По повод Светскиот ден на дијабетесот, пациентите побараа подобра терапија, повеќе медицински помагала и побрзи специјалистички прегледи. Министерот за здравство, Сашо Клековски, порача дека поголем акцент мора да се стави на превенцијата и раното откривање. Тој изјави и дека се зборува за промена на моделот на обезбедување на инсулинската терапија, со поголема улога на Фондот за здравствено осигурување и јавните здравствени установи. Според него, покрај достапноста на терапијата, клучни се и здравата исхрана, физичката активност и редовните контроли.
“Без елиминација на алкохол и цигари и здрава исхрана, не можеме да очекуваме решавање на проблемите. Само физичката активност, може да доведе до намалување на дијабет тип 2 од 5%. Приоритет треба да бидат следењето на дијабетот и ќе работам на барањето на Сојузот да сите лица со тип 1 да добијат соодветно следење на гликемијата во наредните 3 години.“, посочи Сашо Клековски, Министер за здравство.
Приоритет за пациентите е обезбедување сензори за континуирано следење на шеќерот во крвта за лицата со дијабетес тип 1, поголема достапност на современа терапија и повеќе термини кај специјалистите. Во моментов со сензори се опфатени околу 800 пациенти, а целта на здруженијата е покриеноста да достигне 80 проценти во следните две до три години.
„Да тргнеме од тоа што го имаме, а тоа е современата терапија. Македонија ја има веќе 10-ина години, да прдолжи да се дитрибура и да се следи развојот на превенцијата од кмпликации. Сензори за сите лица со тип 1 дијабет. Тоа го бараме повеќе години, но денес имаме обезбедено само за 800 лица.“, вели Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
„Важно е навремено дијагностицирање и соодветен и современ третман, затоа што е докажано доколку првата година го намалиме то просек односно хемоглобинот за 1%, 20 отсто ќе бидат редуцирани ризиците од каррдиоваскуларни компликации.“, изјави Ирфан Ахмети,директор на Универзитетската клиника за ендокринологија.
Во 2025 година биле направени речиси 200 илјади систематски и периодични прегледи на кои се мерела гликемијата, но нивните резултатие не се соодветно евидентирани и следени, бидејќи се уште се користи хартиена документација. Клековски смета дека со дигитализација на овие податоци ќе се овозможи подобро следење на пациентите и навремено откривање на покачен шеќер во крвта. Целта е здравствениот систем да се насочи кон подобра превенција, рана дијагностика и лекување.

