Иако Мисирков не бил социолог според неговото формално образование, неговото дело несомнено зрачи со социолошка димензија. Неговите концепции за начинот на кој се формираат народностите и историската условеност на тој процес, за формирањето македонски литературен јазик како основа на политичката легитимност, но и за улогата на автономијата како предуслов за севкупниот развој на Македонија и македонскиот народ, не само што сведочат за социолошкиот дискурс во делото на Мисирков туку во повеќе аспекти им претходат на подоцнежните модернистички теории за нацијата и национализмот. Ова го истакна проф. д-р Ганка Цветанова во рамките на работната сесија на манифестацијата III Мисиркови денови, посветена на 100-годишнината од смртта на Крсте Мисирков.
Цветанова, осврнувајќи се на социолошкиот дискурс во делото на Мисирков, посочи дека во својот творечки и научен опис тој отвора прашања што се од суштинско значење за социолошката мисла. Мисирков, рече Цветанова, говори за врската помеѓу поединецот и заедницата, што е она што еден народ го прави цело, кои се елементите што придонесуваат за создавањето на чувството на заедничка припадност, како што се културните, јазичните, социјалните врски, колективната меморија, културната традиција, но истовремено говори и за карактерот и природата на народните идеали и нивната улога во создавањето на колективната свест, но и политичката волја.
– За него, создавањето посебен македонски литературен јазик претставува еден од најважните чинители за разрешување на целокупното македонско прашање. Во тој контекст ќе запише, „создавањето на македонски литературен јазик е рамносилно на одделувањето на Македонците во посебна народност“ – потенцира Цветанова.

Таа наведе дека во 2005 година, истакнатиот социолог, професорот Јован Корубин, бил веројатно еден од првите општествени мислители, научници кои експлицитно посочува на социолошката димензија во творечкиот опус на Мисирков. Корубин рекол дека иако делата на Мисирков зрачат со социолошки дискурс, тој никогаш не бил третиран како социолог, ниту пак неговото дело било анализирано во рамките на социолошката мисла.
-Во рамки на мојата поширока анализа за Мисирков, се воспоставува дијалог помеѓу модернистичките теории и Мисирковите концепции, но не со цел неговите концепции да бидат ставени во однапред зададени теориски граници, границите на модернистичките теории, туку да се осветли нивната теориска далекусежност – посочи Цветанова.
Таа истакна дека според модернистичките согледувања, нацијата не би можела да се формира, ниту пак да опстои, доколку меѓу припадниците на заедницата не постои чувство на заедничка припадност, засновано врз колективната меморија, јазичните, културните и социјалните врски.
-За Мисирков, токму овие историски, културни и социјални врски и јазични, се разбира, претставуваат основа за создавање на чувството на припадност и заедништво. Во таа смисла, Мисирков ќе запише: „Општата радост и жалост, општите преданија и обичаи не прават сите нас едно цело, еден народ” – рече Цветанова.
Таа се осврна и на разбирањето на нацијата според Мисирков, како историска и социјална конструкција.
– Токму во таа смисла, Мисирков го поставува прашањето: „Ако формирањето на јужнословенските народности е механичко-политички процес, зошто истиот процес не би бил возможен и за формирањето на посебна македонска народност“. И веднаш потоа го дава следниот одговор: „Формирањето на Македонците во одделна словенска народност е најобичен историски процес, сличен на процесот на образување на бугарскиот и српско-хрватскиот народ од некогашните јужни Словени“ – посочи Цветанова.

Овие согледувања на Мисирков, додаде таа, на извесен начин ја антиципираат подоцнежната теза на еден од исклучително значајните модернистички теоретичари Ерик Хобсбаум, според кои нациите се создаваат по пат на општествен инженеринг. Значи, Мисирков во 1903 година говори за политичко-механички процес, додека Хобсбаум во 1983 година говори за процес на општествен инженеринг.
-Една од клучните тези на модернистичката парадигма вели дека нациите не се ентитети што постоеле отсекогаш, ниту пак се дадени еднаш засекогаш. Оттука, историското право не може да биде единствената основа, ниту пак единствениот критериум за признавање на политичката легитимност на една нација. Токму онака како што во далечната деветстотрета ќе запише Мисирков: „Немало македонска народност, ама ја има сега и ќе ја има занапред. Што немало понапред, може да се стори подоцна. Доста е да се има различни историски услови со свои одделни барања“ – нагласи Цветанова.
Според неа, децении подоцна, токму овие согледувања на Мисирков ќе се најдат во центарот на модернистичката парадигма.
-Според Андерсон и Гелнер, автори на двете највлијателни модернистички теории, почетокот на стандардизацијата на колоквијалните говори претставува една од клучните пресвртници во историјата на создавањето на модерните нации и националните идентитети. Овие автори своите тези ги темелат на хердеријанскиот концепт на нацијата како јазична заедница. Мисирков уште во 1903 ја застапува идејата дека стандардизацијата на македонскиот јазик не е само филолошки проект, ги надминува рамките на филолошки проект и има многу поголемо и пошироко политичко значење – рече Цветанова.
Таа додаде дека во модернистичките теории особено се нагласува врската меѓу модерната држава и процесите на создавање на нацијата, бидејќи државата преку своите општествени и политички институции, значи тука станува збор и за културни, научни, академски, образовни институции, обезбедува општествена и политичка рамка за развој на нацијата и воедно ја втемелува во меѓународниот поредок.
-Токму во овој контекст треба да се разгледува и Мисирковото залагање за автономија на Македонија. Па така, ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков, тоа е автономијата на Македонија. Автономија пред сѐ како предуслов за слободен, културен, научен, но, како што истакнува Мисирков, и економски развој и воедно за создавање сопствени институции. Оттука, во 1912 ќе истакне „без автономија, без автономија не може ни да се замисли прогресот и културата во Македонија“ – нагласи Цветанова.
Таа посочи дека во анализата на македонското прашање Мисирков применува историски, компаративен и интердисциплинарен пристап, притоа поврзувајќи ги јазичните, културните и политичките процеси со пошироките општествени и историски околности. Според неа, оваа интелектуална способност на Мисирков да ги согледа општествените појави не како изолирани појави, туку во нивната историска условеност и меѓусебна поврзаност, можеме да ја препознаеме во концептот на социолошка имагинација, концепт кој нејзиниот автор, социолог-социологот Чарлс Милс ќе го претстави во 1959 година во истоимената книга.
-Пристапот на Мисирков совршено се совпаѓа со овој концепт, според кој, како што истакнува Милс, секој активен општествен научник мора да биде истовремено свој сопствен методолог и сопствен теоретичар. Токму онака како што бил и Мисирков. Врз основа на изложените концептуални паралели може да се заклучи дека иако Мисирков не бил социолог според неговото формално образование, неговото дело несомнено зрачи со социолошка димензија. Неговите концепции за начинот на кој се формираат народностите и историската условеност на тој процес, за формирањето на македонски литературен јазик како основа на политичката легитимност, но и за улогата на автономијата како предуслов за севкупниот развој на Македонија и македонскиот народ, не само што сведочат за социолошкиот дискурс во делото на Мисирков, туку во повеќе аспекти им претходат на подоцнежните модернистички теории за нацијата и национализмот – заклучи Цветанова.

Проф. д-р Кристина Николовска директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература при УКИМ, во своето излагање „Мисирков како поттик за македонистиката“, посочи дека едно од најсуштинските прашања во оценување на културната историја е значењето на великанот Крсте Мисирков во развој на македонската национална, научна, филолошка и културна мисла.
-Грандиозната историска мисија на Мисирков се остварува преку неговото визионерско дело на духовна национална еманципација, преку кое македонскиот јазик успеа да го постави како темелна цивилизациска, културна и идентитетска вредност на македонската национална самобитност. Со своето капитално дело „За македонцките работи“, Мисирков ги постави темелите на современата македонска филологија и ја втемели македонистиката како научна дисциплина, давајќи ѝ прецизна, јасна историска и културна идентитетска артикулација, со што се вбројува меѓу нејзините најзначајни основоположници и визионерски научни предвесници – рече Николовска.
Таа нагласи дека Мисирковото дело претставува еден од конститутивните темели на современата македонистика, поставувајќи ги основите на нејзиното јазично, филолошко и културно историско втемелување на македонистиката.
-Мисирков ги формулираше и теориски ги образложи основните идеи врз кои се развиваат современата македонска филологија и македонистиката. Со научна компетентност и историско визионерство на мислата, Мисирков не само што ја артикулираше идејата за македонската посебност и самобитност, туку остави трајно завештание на интелектуалната самосвест, чија историска и цивилизациска вредност ги надминува границите на своето време – рече Николовска.
Таа нагласи дека особено значајно место во овој контекст зазема неговата книга „За македонцките работи“ и монументално дело со исклучителна историска и научна вредност, со кои се формулирани основните принципи на посебност на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет.
-Вредноста на Мисирковиот придонес особено се согледува во неговата способност да ја препознае функционалната поврзаност меѓу јазикот, националната самосвест и културниот идентитет. Оттука, Мисирков не треба да се третира само како претходник на современата македонистика, туку како и нејзин суштински иден поттикнувач. Во поширока перспектива, значењето на Крсте Мисирков се состои во тоа што тој ја претвора идејата за македонската национална јазична посебност во јасно формулирана национална програма – рече Николовска.
Таа потенцира дека неговото наследство останува трајна научна референца и поттик за современата македонистика и чија задача е не само да го проучува и валоризира македонското јазично, историско и културно наследство, туку и критички да го надградува, да го поставува во поширокиот балкански и европски контекст и придонесува кон неговата меѓународна научна афирмација.
-Во таа смисла, Мисирков не е само историска личност од македонското културно минато, туку трајна интелектуална вредност. Прашањето за воздејства, исклучително важен термин што го употребува и Конески, воздејства на Крсте Петков Мисирков врз наредните генерации македонисти е особено значајно, затоа што неговото дело не претставува само историски документ за една конкретна епоха, туку интелектуална матрица со јасна национална програма што овозможува развој на повеќе научни дисциплини како македонската лингвистика, историја на книжевност, славистика, етнологија, културологија, социологија, споредбени проучувања на националните јазични процеси – заклучи Николовска.

