Службата за итна медицинска помош при Општата болница во Прилеп доби три нови амбулантни возила од владината набавка за службите за итна медицинска помош во земјава. Возилата се целосно опремени и веднаш ќе бидат ставени во функција, со цел побрзо и поефикасно згрижување на пациентите.

Директорот на прилепската болница, д-р Кире Јоноски, истакна дека новите амбулантни возила имаат целосно вградена медицинска опрема, за разлика од претходните адаптирани возила, и се наменети за потребите на пациентите од Прилепскиот Регион.
Опремата вклучува дефибрилатор, кислородна поддршка, апарати за мониторирање на состојбата на пациентите, како и средства за имобилизација при скршеници и други повреди, вклучително и повреди од сообраќајни несреќи.
-Ова ќе биде олеснување за пациентите, побрза дијагноза, третманот може веднаш да почне во возилото – посочи Јоноски.
Прилепската Служба за итна помош располага и со шест постари амбулантни возила, кои се подложни на чести дефекти и поправки, како и со уште две помали возила. Новите три амбулантни возила треба да придонесат за подобро покривање на потребите на населението во Прилеп, како и во општините Кривогаштани и Долнени.
Д-р Боше Милошески, началник на Службата за итна помош – Прилеп нагласува дека секоја брза интервенција за пациентите е можност за спас на нивниот живот.

-Ова е голема помош за работата на Итната медицинска помош. Многу ќе ја олесниме медицинската работа, но најмногу добиваат пациентите. Некогаш секунди и минути се пресудни за животот на пациентите. Следно што е потребно за службата е доекипираноста и со лекари и со медицинска помош. Во моментов недостасуваат 4 лекари, 8 медицински сестри и 6 возачи за амбулантните возила. Радува најавата дека ќе се зголеми медицинскиот кадар – рече Милошески.
Прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски нагласи дека Општината се заложува и дава логистичка поддршка на секое доопремување во прилепската болница.
-Секоја помош како локална самоуправа ја поддржуваме. Ги искористивме сите релации со централната власт за да помогнеме – рече Проданоски при денешното официјално претставување на трите нови амбулантни возила за Службата за итна помош при Општата болница во Прилеп.

