Основниот суд во Охрид му одреди мерка притвор во траење до 30 дена на 31-годишниот охриѓанец К. К., обвинет за нападот врз 26-годишната С. Ѓ., што се случи на 15 ноември.
Основното јавно обвинителство Охрид претходно поднесе обвинение против него за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Според Обвинителството, обвинетиот при вршење семејно насилство противправно ја затворил оштетената, физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Во текот на истражните дејства јавниот обвинител ја испитал оштетената во присуство на претставници од социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за видот и карактерот на нејзините повреди.
Заедно со обвинението, Обвинителството до Основниот суд во Охрид доставило и предлог за определување мерка притвор имајќи ги предвид утврдените околности во предметот.
Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека СВР Охрид поднело кривична пријава против К. К. (31) од Охрид поради сомнение за сторено кривично дело тешка телесна повреда.
Според МВР, на 15 ноември, околу 2 часот, по расправија, која почнала во неговиот дом и продолжила во автомобилот, осомничениот физички ја нападнал својата 26-годишна девојка од Охридско.
Кога го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала. Таа била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Свети Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.

