Министерот за правда Јетон Шасивари, кој учествува на Втората глобална министерска конференција за елиминирање на насилството врз децата во Манила, посочи дека зголемувањето на насилството и злоупотребата преку дигиталните технологии, толеранцијата на насилството во дел од општеството и недоволната координација меѓу институциите остануваат клучни предизвици во заштитата на децата.
На меѓународниот панел „Европа: заеднички предизвици, заеднички решенија“, Шасивари ги претставил искуствата, предизвиците и приоритетите на земјава во спречувањето на насилството врз децата.
Како што информира Министерството за правда, тој нагласил дека заштитата на децата не може да се обезбеди само преку носење законски решенија, туку бара посилна заштита во дигиталниот простор, специјализирани стручни кадри, правда прилагодена на потребите на децата и ефикасна меѓуинституционална соработка.
Во своето обраќање министерот се осврнал и на Законот за правда за децата од 2024 година, како и на активностите за унапредување на Кривичниот законик, надминување на правните празнини во заштитата од дигитално насилство и зајакнување на механизмите за заштита на малолетните жртви.
Шасивари истакнал дека е важно законите да обезбедат конкретна и ефективна заштита во практика, така што секое дете ќе може без страв да пријави насилство и навремено да добие соодветна институционална поддршка.
Тој нагласил дека насилството врз децата е заеднички предизвик кој бара координирано дејствување, размена на искуства и заеднички решенија на национално и меѓународно ниво.

