Итна евиденција на критичните локации, обезбедување простор за сместување и соодветен транспорт на дивите крави во Крива Паланка. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ му понуди акциски план на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, за бизарниот проблем со дивиот добиток кој се уште шета по улиците на градот. Советничката група поднесе барање за свикување на вонредна седница на советот на општината каде што тие ќе го претстават нивниот план пред сите советници. Тие нудат координирана акција со која проблемот ќе биде решен на локално ниво.
„Прво, итна евиденција на сите критични локации на кои се движи неконтролираниот добиток. Второ, обезбедување соодветни оградени простори и мобилни трла за привремено сместување на животните согласно законските услови. Трето, обезбедување два трактора со преден утоварач мобилна рампа и потребна механизација за пристап до критичните локации. Четврто, организирање петанесет лица за логистичка поддршка со вклучување на расположливите капацитети на јавното претпријатие комуналец“, изјави Александар Рангелов, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка, Александар Рангелов, испрати јасна порака до градоначалникот кој бараше помош од владата, амбасадите, меѓународните заедници и поднесуваше кривични пријави до АХВ и други институции.
„Нашето прашање до градоначалникот е едноставно, што од ова не може да направи општината? Дали не може да обезбеди простор? Дали не може да обезбеди механизација? Дали не може да обезбеди работна сила или не може да воспостави координација со надлежните институции?“
Според советничката група, за реализација на овој проект потребни се 2 850 000 од општинскиот буџет. Според планот потребни се „24 часа за воспоставување оперативна координација, 48 часа за евиденција на критичните локации, три дена за утврдување локации за привремено сместување, седум дена за доставување прв извештај до советот. Седницата на која ќе биде претставен предлогот ќе се одржи во сабота 21 ноември.

