Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), во соработка со Општина Центар и Црвениот крст – Општинска организација Центар, денеска ја отвори хуманитарната Зона H.

Станува збор за посебно обележани паркинг-места, од чие користење собраните средства ќе бидат наменети исклучиво за хуманитарни цели, во соработка со Црвениот крст – Општинска организација Центар.
На официјалното отворање присуствуваа директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и секретарот на Црвениот крст – Општинска организација Центар, Валентина Колеска.
Директорот на ПОЦ, Душко Коцевски, истакна дека преку оваа иницијатива јавната услуга се поврзува со грижата за заедницата и се создава дополнителна можност за помош на граѓаните на кои им е најпотребна.

Градоначалникот Горан Герасимовски посочи дека хуманитарната зона е дел од новините во системот на паркирање, со кои, покрај поправична распределба и порационално користење на паркинг-просторот, се внесува и хумана димензија.
Првата локација на хуманитарната Зона H се наоѓа пред Градскиот стадион, во секторот „Парк“ на ПОЦ. Од претпријатието најавуваат дека во наредниот период зоната ќе се проширува и на други локации.
Со оваа иницијатива, граѓаните преку секојдневното користење на паркинг-услугите ќе можат директно да придонесат за хуманитарни цели и поддршка на оние на кои им е најпотребна.

