Три нови камиони за собирање на отпадот и мини багер за одржување на водоводната мрежа обезбеди Општина Струга за потребите на јавните претрпијатија „Комунално“ и „Водовод и канализација“.
Мини багерот, како што соопшти општинската прес-служба е обезбеден преку проектот „Развој на урбани подрачја и одржлив урбан развој 2026“, поддржан од Бирото за регионален развој, преку Југозападниот плански регион.

– Набавката на оваа механизација ќе овозможи поефикасни и побрзи интервенции при одржувањето и санирањето на водоводната мрежа. Оваа инвестиција претставува конкретен чекор кон зајакнување на техничките капацитети и подобрување на ефикасноста на комуналните услуги, во интерес на граѓаните, стои во информацијата.
Трите нови камиони за собирање отпад се дел од проектот за Регионалната депонија во Новаци, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање и Salar International. Во рамките на истиот проект струшкото Комунално претпријатие претходно доби уште три такви камиони.

ЈП „Комунално“ информира дека со Општина Струга работи на изработка на пилот-план за примарна селекција на отпадот и воспоставување центар за селекција и третман на отпадот.

