Употребата на Градскиот воз и од следната година електричните еколошки автобуси, сериозно ќе влијаат врз намалување на загадувањето во Скопје, вели заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Алексдандар Николоски.
Според него, од 300 до 500 патници дневно користат градски воз на линијата Зелениково-Нова Железничка.
„Ветивме дека првата линија на градски воз ќе почне на 1 септември и првата линија на градски воз почна на 1 септември и ми е драго што и овој рок се испочитува. Дневната фреквенција е некаде 300 до 500 патници. Тоа се 300 до 500 помалку возила во центарот на градот. Тоа се 300 до 500 повеќе слободни паркинг места во центарот на градот и 300 до 500 возила што помалку загадуваат во центарот на градот”- потенцира Николоски во гостувањето на една од националните телевизии.
Планот, според Николоски, е намалување на бројот на возила преку интегрирање на јавниот превоз.
„Густината на сообраќај е речиси 30 отсто, влегува од западниот правец Тетово-Гостивар, 30 отсто влегува од источниот правец, тоа е Велес. Некаде околу 20 отсто влегува од северниот правец, тоа е Куманово, и уште 20 отсто влегува од северозападниот правец, тоа е Приштина. И сега, бараме начин како да ги намалиме бројот на возила. Јас не велам дека на нула ќе дојдат, но ќе се намали загадувањето како еден од двата главни фактори за загадување во Скопје”, посочува Николоски.
Најави дека се работи и на проектирање и на другите две линии од Градски воз, понатаму воведување на градски воз за Куманово и ако косовската страна направи реконструкција на пругата извесно е воведување и на меѓуградски воз Приштина-Скопје.

