Иднината на нашата држава не зависи од тоа колку гласно ќе зборуваме за економскиот развој, туку од тоа колку ќе произведеме, колку ќе извеземе, колку нови работни места ќе создадеме и колку силни компании ќе изградиме, порача вечерва премиерот Христијан Мицкоски пред бизнисмените собрани на манифестацијата „Business Leader 2026“ што се одржа во Македонската филхармонија.
– Македонија има огромен потенцијал, но со децении премногу често зборувавме за тој потенцијал, а премалку правевме за да го претвориме во економска реалност, додека други држави инвестираа во инфраструктура, технологија, индустрија и образование, ние губевме драгоцено време во политички кризи, институционална неизвесност и економски политики без долгорочен континуитет. Нашата генерација нема право да го продолжи тој циклус, затоа што светот се менува побрзо од кога било, глобалната конкуренција станува посилна, капиталот станува повнимателен, а технологијата отвора можности кои ќе ги искористат само оние држави што навреме ќе се приспособат на овие нови современи предизвици – рече Мицкоски.
Додаде дека од првиот ден од формирањето на Владата е поставена јасна економска цел да се изгради стабилна, продуктивна и конкурентна економија, во која државата ќе биде партнер на претприемачите, а не пречка за нивниот развој.
– И денес, кога зборуваме за економијата, веќе не зборуваме само за планови и проекции, туку за конкретни показатели кои потврдуваат дека политиките што ги водиме даваат резултати. Во 2025 година македонската економија оствари раст на бруто-домашниот производ од 3,5 проценти, додека во вториот квартал од 2026 година растот достигна 4,3 проценти, со што, според расположливите споредбени показатели, се позиционираме меѓу првите пет држави во Европа според економскиот раст, што е особено значајно ако се имаат предвид сложените меѓународни економски околности и предизвиците со кои се соочува европската економија – истакна Мицкоски.
Посочи дека се отворени околу 17.000 работни места во изминатите 27 месеци, просечната плата во јули изнесувала околу 48.500 денари, а од јули 2024 до јуни 2026 година странските директни инвестиции достигнале една милијарда и 381 милион евра.
Особено значајно, според премиерот, е што во услови на глобални економски предизвици и ценовни притисоци, просечната инфлација во третиот квартал од годинава изнесува 2,5 проценти, додека во дел од земјите во нашето соседство достигнува пет проценти или повеќе, а во споредба со просекот на Европската Унија, инфлацијата кај нас е за 25 проценти пониска.
– Овие показатели не ги споменувам за да прогласувам дека сите проблеми се решени, бидејќи тоа не би било ниту сериозно ниту одговорно, туку за да покажам дека постои економски правец, дека имаме конкретни резултати и дека знаеме каде сакаме да стигнеме – македонските компании да не бидат само дел од глобалните синџири на производство, туку сè повеќе да стануваат носители на сопствени технологии, брендови и производи, а нашите млади инженери, програмери, технолози и менаџери својата професионална иднина да ја гледаат токму тука, нагласи Мицкоски.
Обврска на државата, како што рече, е да создаде услови во кои бизнисмените ќе инвестираат и ќе ги планираат и развиваат своите планови без непотребни административни бариери.
– Токму затоа обезбедивме 250 милиони евра поволни кредитни средства за поддршка на домашната економија, со каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години, со цел компаниите да инвестираат во нова опрема, производствени капацитети, модернизација и развој, бидејќи сум убеден дека најдобрата економска политика не е онаа која создава зависност од државата, туку онаа која им овозможува на претпријатијата да станат посилни, посамостојни и поконкурентни, посочи Мицкоски.
Нашата визија, додаде премиерот, оди подалеку бидејќи во следните години мора да изградиме економски модел во кој домашните компании ќе имаат прстап до капитал, нови пазари и квалификувана работна сила, а државата ќе ги насочува своите ресурси кон проекти коишто создаваат долгорочна вредност.
– Свесен сум дека пред нас стојат сериозни предизвици, но токму затоа нашата обврска е да создадеме економија во која млад човек ќе има причина да остане да работи, да основа компанија и да го гради своето семејство тука. Нашата национална амбиција не треба да биде само да ги задржиме постојните работни места туку да создадеме генерации кои ќе отворат нови компании, ќе развиваат сопствени производи и ќе го освојуваат европскиот и светскиот пазар, нагласи Мицкоски.
За нас, додаде, врвот не треба да биде само достигнување на одредена стапка на економски раст, туку создавање држава со силни институции, современа инфраструктура, успешни домашни компании, конкурентна индустрија и граѓани кои можат достоинствено да живеат од сопствената работа.
– Верувам дека имаме знаење, капацитет и луѓе за тоа, а доказот се наоѓа токму во оваа сала, меѓу претприемачите кои започнале од мала идеја и изградиле успешни компании, меѓу менаџерите кои ги водат нашите најголеми деловни системи и меѓу луѓето кои секојдневно докажуваат дека македонскиот производ, македонското знаење и македонската деловна иницијатива можат да бидат конкурентни на најразвиените пазари, потенцира Мицкоски.
Им порача на бизнисмените дека во Владата ќе имаат сигурен партнер кој ги разбира предизвиците на стопанството, кој ја почитува приватната иницијатива и кој верува дека силна држава може да постои само ако има силна економија.
– Пред нас е период во кој ќе мораме да донесуваме храбри одлуки, да ја зголемуваме продуктивноста, да ја забрзаме модернизацијата и да создадеме услови во кои следната генерација македонски компании ќе биде поголема, поиновативна и посилно присутна на меѓународните пазари. Сакам од оваа вечер да произлезе и една заедничка национална амбиција, да престанеме да размислуваме колку сме мали за големи успеси и да почнеме да покажуваме колку големи успеси можат да создадат луѓето на една мала држава. Никој нема да ни подари развиена економија, никој нема наместо нас да ги изгради нашите компании и никој нема да ја создаде иднината што ја посакуваме, доколку самите немаме храброст, дисциплина и истрајност да работиме за неа. Нашата цел не е само да стигнеме до врвот, туку да изградиме држава во која секоја следна генерација ќе има повисок врв кон кој ќе се искачува, поголеми можности што ќе ги освојува и посилна економија врз која ќе ја гради својата иднина. Тоа е нашата обврска пред граѓаните, тоа е нашата одговорност пред генерациите што доаѓаат и тоа е амбицијата од која нема да отстапиме. Затоа што силна држава не се создава со мали амбиции, туку со големи цели, со храбри одлуки и со резултати кои остануваат зад нас, порача премиерот Мицкоски на вечерашната манифестација во Македонската филхармонија.
Врвот, рече Мицкоски, не се подарува, до него се стигнува, а нашата генерација има историска одговорност да покаже дека може да ја искачи државата повисоко од кога било досега.

