Министерството за правда ги објави нацрт-кривичниот законик и нацрт-законот за кривичната постапка на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со што се отвора можност за активно вклучување на јавноста во финализирањето на овие значајни законски решенија – информираат од Министерството.
Оттаму нагласуват дека сите заинтересирани страни, стручната јавност, правосудните институции, академската заедница, граѓанските организации, како и граѓаните, ќе имаат можност да ги разгледаат законските текстови и да достават свои забелешки, коментари, предлози и сугестии.
– Во наредниот период ќе следуваат и стручни јавни расправи, на кои ќе се отворат клучните прашања и решенија содржани во двата законски текста, со цел преку аргументирана дискусија и размена на мислења да се придонесе кон нивно унапредување. Истовремено, двата нацрт-закона се доставени и до Европската комисија за мислење, со цел да се обезбеди дополнителна експертска оценка на предложените решенија и нивната усогласеност со европското законодавство и стандарди – се вели во соопштението од Министерството за правда.
Со објавувањето на ЕНЕР и отворањето на јавната расправа, Министерството за правда, како што потенцираат, го продолжува транспарентниот и инклузивен процес, во кој секој конструктивен предлог може да придонесе за подобри законски решенија.

