Доаѓањето на новите странски инвеститори, но и проширувањето на производствените капацитети на веќе присутните, се одразува позитивно врз македонската економија. За период од две години, странските инвестиции во земјава се проценуваат на околу 1 милијарда и 400 милиони евра, што е двојно повеќе со првите две години од претходната Влада кога немало кризи, уверува премиерот Мицкоски.
„Ако се прави анализа во последните две години, односно во овие 24-5 месеци откако оваа Влада е избрана, вкупното ниво на странски инвестиции е некаде околу милијарда и 400 милиони евра… Ако ги споредиме овие две години и првите две години тогаш кога немаше кризи, тогаш ќе стане збор, за споредба, меѓу отприлика една милијарда и 400 милиони оваа Влада и околу 750 милиони кои што ги имаше претходната Влада. Бројките се јасни, разликата е огромна“, – изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.
Германската компанија „ВИК“, која веќе осум години успешно работи во ТИРЗ „Прилеп“ и каде се вработени околу 500 луѓе, денеска го најави проширувањето на своите капацитети со уште еден нов погон во кој работни места ќе најдат уште најмалку 300 лица. Фабриката произведува електрични апарати за европскиот пазар и е пионер во овој регион каде што се врши производство на таа циркуларна економија која е многу барана во Европа.
„Очекуваме во иднина да инвестираме многу повеќе сè со цел да се креира многу поголем економски развој на државата… Голема благодарност кон сите чинители кои ја поддржуваат оваа инвестиција во претходните 8 години, вклучувајќи го и сегментот со образованието каде што има добра соработка со образовните институции и со средните училишта со цел да можат, тие ученици, тие студенти, утре да продолжат со своето работење тука во фабриката на „ВИК“ во Прилеп“, – изјави Кристоф Дом, извршен директор и сопственик на „ВИК“.
„Ние како Влада застанавме во насока на поддршка на оваа инвестиција и ќе продолжиме целосно да го преземаме институционалниот ризик, или сето она кое институциите треба да го подготват за инвеститорите, без разлика дали се странски или домашни, во случајов станува збор за странски инвеститор, посебно кога имаме ваков тип на институција која што има фокус на циркуларната економија, односно економија која што е многу важна сега во Европа“, – посочи Мицкоски.
Мицкоски вели дека оваа Влада е целосно фокусирана кон привлекувањето на странски и домашни инвеститори. Ваквата политика според него влијае врз растот на БДП и мотивира уште позасилено да се работи за подобри услови во државата.
„Имајќи предвид каква беше состојбата во државата пред 25-6 месеци, она кое што го наследивме со уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани, можам да кажам дека колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се сложиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години. А јас ви ветувам дека за три години од денеска ќе се живее многу подобро од денес“, – рече Мицкоски.
Инаку, премиерот Мицкоски денеска ја посети фабриката „ВИК“, каде беше запознат со идните планови за развој на овој германски инвеститор.

