Со едукативен настан и презентација во СОУ „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево, денеска беше одбележан Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО, со посебен акцент на зачувувањето и одржливоста на автентичното пијанечко оро „Копачка“, впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО.
Настанот беше организиран во соработка меѓу Здружението на фолклорна група „Копачка“ од село Драмче и средношколскиот центар, со цел да се јакне свеста кај младите за значењето на зачувувањето на ова светско културно добро.
Претседателката на ЗФГ „Копачка“, Перса Стојановска, во обраќањето ја истакна важноста младите да се запознаат со можностите, предизвиците и приоритетите за одржливост на орото, нагласувајќи дека токму членовите на фолклорната група од Драмче се негови носители и практичари.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, порача дека традицијата не е само наследство од минатото, туку и одговорност што треба да се пренесува на идните генерации.
-Традицијата не е само она што го наследуваме, туку и она што имаме одговорност да го зачуваме и да им го пренесеме на младите и на нашите деца… Народот што ги чува своите корени знае и каде припаѓа, а народот што им ја пренесува традицијата на своите деца знае и каде оди- рече Гоцевски.

Директорката на СОУ „Методи Митевски – Брицо“, Марина Сенадиновска, посочи дека училиштето е место каде што се образуваат и голем број членови на фолклорната група „Копачка“, кои придонесуваат за пренесување на традицијата и споделување на знаењата со своите соученици.

Во вториот дел од настанот, преку детална презентација, Стојановска ги претстави историјата на групата формирана во 1948 година, чекорите на орото (шетаница, ситно, префрлачка и копнување), како и значајните проекти за негова одржливост – од уредување спомен-соби и издавање монографии, до документарни филмови и меѓународни претставувања.
Настанот заврши со повик за активно вклучување на младите во зачувувањето на традицијата, македонскиот идентитет и културните корени.
-Да дојдеме, да станеме дел од Копачката, да ги чуваме и негуваме нашите корени, нашиот идентитет, Македонштината да си ја зачуваме, да си го живееме орото – порача Стојановска.

