Правилен и оправдан потег е Македонија да ги информира Европската Унија и НАТО за случајот со Ива Михаилова и односот на Бугарија кон барањето за нејзина екстрадиција. Правните експерти го поздравуваат ваквиот чекор бидејќи станува збор за случај што отвора сериозни прашања за владеењето на правото, почитувањето на институциите и односот кон меѓународните обврски. Токму затоа велат е важно и европските партнери да бидат запознаени со постапувањето на една земја членка на Унијата и НАТО.
Адвокатот Сашко Дукоски смета дека шансите за екстрадиција на Михаилова и татко и Симеон кој веќе е осуден на затворска казна се мали, бидејќи бугарското законодавство предвидува можност за одбивање екстрадиција на сопствени државјани. Сепак, според него, начинот на кој Бугарија се однесува кон случајот е особено проблематичен.
- „Потегот на Македонија е секако за поздравување, затоа што вреди да се информираат партнерите и од Европската Унија, дури и НАТО, за однесувањето на една нивна членка, затоа што темелни вредности во Европската Унија се и владеењето на правото. И тоа само во тој, во тој поглед може да, и од тој аспект да се анализира. Инаку, правно, инаку правно, моето скромно мислење е дека Бугарија никогаш нема да ги екстрадира, овие лица, затоа што, како и Македонија, Бугарија во својот Устав има забележано дека не екстрадира свои, не испорачува свои граѓани“оценува адвокатот Сашко Дуковски.
Дукоски посочува дека членот 6 од Европската конвенција за екстрадиција предвидува можност државата да одбие екстрадиција на свои државјани. Според него, бугарските власти би можеле да се повикаат токму на оваа одредба, а дополнителен проблем е тоа што, како што наведува, Михаилова досега не била повикана од органите да се произнесе за наводите од македонска страна.
- „Јас сум прилично сигурен дека никогаш нема да ги, да ги екстрадираат, освен ако тие не се најдат на територија на трета земја која што тогаш, по нашата потврница, би одлучувала за екстрадицијата. Она што е, што е лошо во овој момент и што го покажува негативното однесување и неевропско однесување на, на Бугарија е тоа што Бугарија воопшто не ја повикува и не ја ни сослушува,обвинетата Михаилова, која се наоѓа во Бугарија, која она го нарекува лечење“ вели Дукоски.
Наместо внимателна изјава за чувствителен правен случај, македонската јавност доби уште една непримерна порака од бугарскиот министер, Иван Демерџиев. Тој освен што кажа дека Бугарија нема да ја испорача Михаилова, ja искористи можноста да испрати и нова провокација па наместо македонските власти, рече дека Бугарија нема да ја предаде Михаилова на „српските власти“. На прашањето дали станува збор за случајна грешка или намерно споменување на Србија, Демерџиев одговара дека погрешил, но дека тоа не било како што вели „толку голема грешка“.
Михаилова избега нелегално од Македонија откако кај нас стана јасно дека нејзината состојба не е здравствен случај. Тоа ќе го констатирапше веројатно и бугарскиот конзилуиум кој доби зелено светло да дојде во Македонија за да ја провери нејзината состојба. Таа инаку е обвинета во Македонија за учество во сообраќајна несреќа во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши.

