Во врска со прашањата упатени до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од нејзиниот Кабинет информираат дека темите за кои се разговарало на средбата со претставничките на Здружението „Јас Сум Жена“ се наведени во официјалното соопштение и оти не станало збор за абортусот, ниту за ограничување на репродуктивните права на жените.
-Потсетуваме дека средбата се одржа со претставничките на Здружението „Јас Сум Жена“, во пресрет на претстојната конференција, а не со претставнички на здружението „Мајки за Македонија”. Ставот на претседателката за правото на абортус останува непроменет: секоја жена има право самостојно да одлучува за сопственото тело, здравје и живот, како израз на личната автономија, достоинството и слободата на избор – се вели во соопштението од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.
Како претседателка на сите граѓани, се додава во него, Сиљановска-Давкова останува отворена за дијалог со невладиниот сектор, а средбите со граѓанските организации не треба да се толкуваат како согласување со нивните ставови по сите општествени прашања.
Ова соопштение е реакција на отвореното писмо што здружението Мрежа за заштита од дискриминација денеска го упати до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со нејзината средба со претставничките на здружението „Јас Сум Жена“.

