Ниските цени на горивата во Македонија се причина и добар дел од жителите на соседните држави да полнат резервоари на нашите бензински станици. Ова, според Регулаторната комисија за енергетика, влијае врз потрошувачката на нафтените деривати во државата. Но, во исто време, и ги зголемува приходите во државниот буџет по овој основ. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика вели дека ваквиот тренд е особено забележлив кај дизелот, но и бензините. Точни податоци за количините засега нема, но она што е евидентно е дека потрошувачката е значително зголемена. Не само периодов, туку и во месеците наназад.
Ниските цени на горивата кај нас се резултат на мерките кои ги презеде Владата, која свесно се откажа од дел од акцизата, но и го намали данокот на додадена вредност за дизелот на 10 проценти за да може да имаме ниски цени на бензинските станици. Ова сепак предизвикува и притисок врз државниот буџет, кој по овој основ има намалени приходи. Сепак, во останатите сегменти на приходната страна, како во делот на останатите даноци и царини, се бележи раст, што дава простор да се дише полесно и да се прават соодветни пресметки. Владата веќе разгледува опција за втор ребаланс на буџетот. Планот е да се прераспределат средства и преку заштеди да се покријат трошоците. Она што е важно е дека пресметките кои досега се прават покажуваат дека дефицитот не би требало да биде зголемен.

