Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески, на денешната 35. годишна Конференција на Унијата, истакна дека младите се срцето и иднината на државата и најави продолжување на проектите за реновирање на студентските домови, грантови за млади претприемачи и програмата „Месеци на практиканство“.
Според Конески, во првиот циклус на програмата студентите од државните универзитети се вклучиле во работата на своите матични општини. Таму, како што рече, работеле на конкретни предмети, предлагале решенија и се запознавале со работата на локалната самоуправа.
Конески се осврна и на обновата на студентските домови, кои, како што рече, биле наследени во многу лоши услови.
– Тоа е минато, студентскиот дом „Стив Наумов“ е целосно реновиран и денес 1.150 студенти живеат во услови достојни на европски студенти. По него следува „Кузман Јосифовски – Питу“, а тоа е само почеток. Планот ги опфаќа сите девет државни студентски домови, а за преостанатите седум се обезбедени околу 50 милиони евра. Ова не е проект за една година. Ова е одлука дека студентот во Македонија заслужува да живее достоинствено – нагласи Конески.
Како втор проект и мерка за младите, го посочи јавниот повик за самовработување, преку кој невработените млади до 29 години со добра бизнис-идеја имаа можност да добијат финансиски средства.
– Со години младите во Македонија слушаа дека ако сакаат да успеат, треба да си го бараат својот пат надвор. Ние велиме спротивно: ако сакаш да успееш, твоето место е тука во Македонија. Затоа оваа година, преку јавниот повик за самовработување, невработените млади до 29 години со добра бизнис-идеја имаа можност да добијат 10.000 евра неповратни средства за да го основаат својот бизнис. Тоа е порака од државата до младиот човек: веруваме во твоето знаење, веруваме во твојата идеја и веруваме дека иднината на Македонија е во твоите. Секој нов бизнис отворен од млад човек значи едно семејство помалку што ќе се раздели на аеродром, а едно ново работно место повеќе во нашите градови – истакна Конески.
Третата мерка, пак, тој посочи дека е програмата „Месеци на практиканство“, која, како што рече, беше најавена со гордост, а со уште поголема гордост се гледа како заживеа.
– Студентите од државните универзитети влегоа во своите матични општини, не како гости и не за фотографија, туку како дел од тимовите. Учат како функционира локалната самоуправа, работат на вистински предмети, предлагаат решенија и ја градат врската меѓу тоа што го учат на факултет и тоа што го бара реалниот животот. Ова е само првиот циклус. Од следната година предвидуваме повеќе студенти, повеќе општини и вклучување на приватниот сектор, за секој студент кој сака да има шанса да добие реална прилика да придонесе – порача претседателот на УМС.

