Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на конференцијата на Унијата за млади сили на партијата ја најави кампањата „Очи в очи за подобро“.
Мицкоски истакна дека заедно со членовите на Извршниот комитет на партијата, ќе започнат интензивни посети на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи трибини со граѓаните во градовите и селата ширум земјава.
– Сакам да објавам нова активност одовде од оваа преполна сала дека од овој викенд, следниот и сите наредни до крајот на годината членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, и јас лично ќе започнеме со интензивни посети на општинските комитети на партијата. Ќе одиме од град во град, од населено место до населено место. Почнуваме кампања „Очи в Очи“ за подобро. Понекогаш најважните прашања не се поставуваат пред камера. Се кажуваат тивко, на маса, меѓу луѓе кои добро знаат колку е тешко. Затоа што постојат работи што не можат да се разберат од извештаи, статистики и состаноци зад затворени врати – рече Мицкоски.
Разговорите, вели, ќе се однесуваат на она што е завршено, со датум, доказ и резултат, на започнатите проекти, како и на она што треба да се подобри.
– Ќе зборуваме за она што е завршено, со датум, доказ и резултат. За започнатото со јасна фаза, цена и рок. И за она што мора да се подобри, со разбирање за луѓето кои веќе предолго чекаат. Не за да слушнеме само пофалби. Не за да ја повторуваме веќе познатата слика, туку за да разговараме и за она што функционира, и за она што не функционира – рече Мицкоски.
Наследството, според него, може да објасни дел од проблемите, но, како што рече, не може да биде трајна замена за одговорноста денес. Надворешната криза, вели, влијае врз цените и растот, но не ја оправдува секоја домашна пропуштена можност. Како што нагласи Мицкоски, нема напредок без вистина за состојбите, нема доверба без почит и нема подобро без работа што може да се измери.
– Не ветуваме дека еден разговор ќе реши сè. Но секој сериозен разговор може да открие што недостига, кој е надлежен и што треба да се провери повторно. Довербата не е нешто што еднаш се добива и засекогаш се задржува. Таа се проверува секој ден, во одлуките што се носат, во ветувањата што се исполнуваат, во проблемите што се решаваат, но и во оние што предолго остануваат нерешени. Очи в очи за подобро. И нема застанување. Од напролет на трибини меѓу целиот народ. Од село во село, од град во град, со народот, заедно, рамо до рамо за подобра иднина, подобра иднина и за младите – рече Мицкоски.

