По години најави и обиди за решавање на проблемот со отпадот, конечно се прави конкретен чекор кон затворање на нестандардната депонија Буково, која со децении ги труе жителите на охридско-преспанскиот регион. Општина Охрид ја заврши постапката за избор на проектант кој ќе ја изработи целокупната техничка документација за нејзино затворање.
„Таа проектна документација ќе ни ги даде насоките како во поглед на финансиската конструкција потребна за затворање на депонијата Буково, така и за фазите и временскиот период во којшто истата ќе биде затворена. И очекуваме дека во текот на следната година таквата проектна документација ќе биде завршена“, вели Александар Китески, секретар во Општина Охрид.
Паралелно со активностите за затворање на Буково, се преземаат чекори и за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад. За таа цел, Општина Охрид веќе предложила локација во областа Мауцкер, на влезот во градот, каде што е планирана изградба на претоварна станица.
„Она што во моментов се работи во однос на проектната документација за претоварната станица е во надлежност на Министерството за животна средина и сите активности во однос на таквата документација се пред Министерството и Агенцијата за планирање на просторот. Откако ќе биде завршен тој проект и биде доставен, односно отпочната постапка за издавање одобрение за изградба на таквата претоварна станица, ние како Сектор за урбанизам во Општина Охрид ќе постапиме по поднесениот предлог-проект“, вели Китески.
Собирен центар ќе се гради во дворот на ЈП „Нискоградба“. Во предлог-буџетот за следната година се предвидени средства за измена на урбанистичкиот план, постапка што треба да започне во текот на 2027 година.
Регионалниот систем за управување со отпад, кој ги опфаќа сите 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, се очекува да биде целосно функционален до 2030 година. Наместо секоја општина самостојно да го решава проблемот, отпадот ќе се собира и третира преку заеднички регионален центар во Новаци, претоварни станици и општински собирни центри.
Планот предвидува подобро собирање и селектирање на отпадот, изградба на потребната инфраструктура и затворање на 16 диви и нестандардни депонии. За реализација се потребни 45,5 милиони евра, од кои повеќе од 30 милиони веќе се обезбедени.

