Ниту едно населено место не е заборавено. Вицепремиерот Александар Николоски од Валандово испрати порака дека Владата засилено ќе продолжи да го поддржува инфраструктурниот развој на општините. Со поддршка од 100 милиони денари, неколку населени места во оваа општина добиваат целосно ревитализирани и модерни улици кои не само што треба да ги подобрат условите за живот, туку и да ги прошират потенцијалите за развој на општината.
Имајќи предвид дека овие населени места се во близина на Коридорот 10, на автопатот кој води од Куманово, преку Скопје, Гевгелија до Солун и Атина, се работи за најживиот и економски најзначајниот автопат. Ова ќе значи и можност за искористување на туристичкиот потенцијал на овие места, рече Николоски.
За локалната власт, поддршката од Владата е повеќе од добредојдена во планот за подобрување на условите за живот во оваа општина. Градоначалникот Ѓоко Камчев најави дека во сите населени места во Валандово ќе бидат асфалтирани улиците.
Сумата од 65 милиони денари е отприлика најмалку шест годишни програми за асфалтирање во општината и Владата и општината имаат одлична соработка во овој период. Мислам дека и во наредните години ќе имаме сериозни проекти. Сите може да видиме дека станува збор за 16 населени места и градот Валандово, огромна патна инфраструктура, во која живеат 10.500 жители. Уште на почетокот ветив дека ќе почнам од малите населени места кои 30–40 години биле целосно запоставени, па затоа сме денеска во Марвинци, рече Камчев.
Вицепремиерот Николоски најави дека во најскоро време ќе започне целосната реконструкција на патот Валандово – Струмица и регионалниот пат до Дојран.
Екипи на Јавното претпријатие за државни патишта извршија увид, ја скенираа состојбата, направивме проект и очекувам во најскоро време да излезе повикот со кој треба да се избере изведувач кој ќе направи целосна реконструкција на овој пат, истакна Николоски.
Финансиите за реконструкција на инфраструктурата Валандово ги доби преку Министерството за транспорт и Владата, преку двата јавни повици за директна помош за општините. Вкупно беа поддржани 1.200 проекти со кои аплицираа локалните власти. Најавите се дека во втората половина од идната година ќе има нов повик.

