Онлајн група под назив „764“ наведува, заплашува и принудува деца на опасни и насилни дејствија. Од Министерството за внатрешни работи апелираат до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност за зголемена внимателност во однос на појавата на групата „764“, чија цел се деца, малолетници и други ранливи лица.
За сериозноста на оваа појава предупредуваат и меѓународните безбедносни институции, меѓу кои и американското ФБИ. Групата „764“ дејствува преку различни социјални мрежи, апликации за комуникација и платформи за онлајн игри. Најчесто им се претставуваат како нивни врсници или како луѓе што сакаат да им бидат другари или блиски.
Кога детето ќе им поверува, почнуваат да го уценуваат и да му се закануваат за да го натераат да праќа слики или видеа каде што е разголено, да се повредува само себеси, да тепа или мачи други луѓе или животни, па дури и да направи нешто што може да го чини живот.
Потоа тие слики и видеа ги користат за уште повеќе да го плашат и да го контролираат детето. МВР ги советува родителите да гледаат дали кај детето има нагли промени во однесувањето, како, на пример, да се затвора во себе, да се плаши, да е вознемирено или лесно да се нервира.
Треба да се внимава и ако детето одеднаш многу ги крие телефонот или компјутерот, или постојано се допишува со непознати на интернет и во игри. Тоа не значи секогаш дека детето е жртва на ваква група, но ако се забележи, не смее да се занемари – треба смирено да се зборува со детето и навреме да се реагира.
Од МВР апелираат сите сознанија, информации или сомнеж за активности поврзани со групата „764“ или други слични онлајн групи веднаш да бидат пријавени до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.

