Исклучително тешка зима на енергетски план го очекува светот, но главна цел на Владата е да го одбрани животниот стандард на граѓаните и да не дозволи драстични скокови на цените на струјата парното и горивото. Ова е пораката на премиерот Христијан Мицкоски којшто неодамна се врати од работната посета на Берлин каде се сретна со високи американски претставници и германскиот канцелар Мерц. По средбата, Мицкоски оценува дека глобалната состојба е неизвесна и не се очекуваат брзи поместувања. Тој нагласи дека иако сме мала земја, клучно е што сме присутни на таа маса за навреме да знаеме во која насока се движат процесите.
„Цело време предупредувам дека исклучително тешка зима го очекува светот. Гасот е трипати поскап, електричната енергија е поскапа за четири пати од тоа што беше, а резервите на гас во ЕУ се на најниско ниво во последните 15 години. Во Германија и низ цела ЕУ цените на горивата и струјата се драстично повисоки. Наша главна цел е да не дозволиме драстични скокови на цените на електричната и топлинската енергија и најуспешно во регионот да го заштитиме стандардот на граѓаните“, изјави Мицкоски.
За да се обезбеди стабилно снабдување со струја, премиерот најави дека во системот ќе се вклучи и ТЕЦ Неготино. Појасни дека е направен економски модел преку АД ЕСМ – со комбинација на блоковите во РЕК Битола, хидроцентралите и увоз на поевтин јаглен од Косово – со кој загубите од зимата ќе се покријат преку заработката во текот на пролетта и остатокот од годината.
Не само за стабилноста на цената на енергенсите. Владата се грижи и за растот на платите. Податоците на Државниот завод за статискика говорат дека реалната нето-плата е повисока за 5,2 проценти во однос на минатата година.
„Дали е тоа доволно? Не е, треба уште повеќе. Но, имајќи ги предвид сите предизвици, резултатот е многу добар. Денеска е подобро од пред три години, а за три години ќе биде уште подобро, затоа што немаме министри што жонглираат во кабинетите, туку имаме фокус и работа и покрај тешката состојба во светот“, заклучи Мицкоски.
Инаку, воените жаришта во светот предизвикаа сериозна криза поради растот на цените на енергенсите и инфлацијата. И покрај ваквата состојба од Владата уверуваат дека будно ја следат состојбата и се подготвени да реагираат за заштита на граѓаните.

