Надлежните многу сериозно се посветени на воведување механизми за итно дејствување при случаи со насилство. Министрите за внатрешни работи и за социјална политика, во координација со Јавното обвинителство, веќе договорија механизми и мерки за зајакнување на меѓуинституционалната координација и итно постапување во случаите на семејно насилство.
Министерот Тошковски соопшти дека секоја пријава мора да биде сфатена сериозно, секоја жртва мора да добие навремена заштита, а секој сторител мора да се соочи со одговорност. Договорено е МВР веднаш по приемот на пријава да го известува надлежното обвинителство, по што јавниот обвинител ќе координира тим од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Ќе се обезбедува итна процена на ризиците, потребните докази и стручни мислења, со цел брзо и ефикасно постапување.
Во сите три институции ќе воспостават и постојано достапни контакт-точки за непосредна комуникација и координација, за да нема непотребни одложувања кога се загрозени нечија безбедност и живот.

