Нов, модерен автопат од Тетово до Охрид до 2029 година. Премиерот Мицкоски вели дека роковите за изградба на патната делница долж Коридорот 8 ќе се испочитуваат во целост. Во моментов има градежни активности на деловите од Тетово до Гостивар и од Гостивар до Букојчани, а минатиот месец започна изградбата и на делот од Букојчани до Кичево. Забрзани се работите и на автопатот Кичево – Охрид, за кој се очекува да биде пуштен во употреба следната година.
Засега неизвесна е само трасата кон граничниот премин Ќафасан, за кој поради заштитениот статус на охридско-струшкиот регион, УНЕСКО побара друго техничко решение. Премиерот потенцира дека градежните работи на Коридорот 8, по долгогодишен застој, во последниве две и пол години се приоритет на оваа влада.
Летово почна изградбата на долгоочекуваниот проект Скопје – Блаце, автопат кој го гради македонската компанија Гранит. Истовремено продолжуваат и градежните работи на Коридорот 10д. Интензивирани се активностите на потегот од Прилеп до Битола. Првите 12 километри треба да бидат пуштени во сообраќај првата половина од следната година, а оваа делница целосно треба да профункционира во 2029-та. Во фокусот на инфраструктурните проекти не се само автопатите, туку и експресните, регионалните и локалните патишта. Само оваа недела, надлежните најавија дека дека во најскоро време ќе започне целосната реконтрукција на патот Валандово – Струмица и регионалниот пат до Дојран. Премиерот Мицкоски вчера рече дека ќе се гради и нов експресен пат Кочани–Виница–Делчево, со клучка кон Македонска Каменица. Изградбата на патиштата придонесува и кон развој на градежништвото. Само во вториот квартал годинава овој сектор пораснал за речиси 22%. Реализацијата на капиталните инвестиции е солидна. Досега се сработени 70% од проектите за патишта, болници, училишта, студентски домови, болници, спортски сали.

