На 174 граѓани од кои 95 мажи и 79 жени вчера им се извршени бесплатни превентивни мерења на крвниот притисок, шеќерот и холестеролот во крвта, како и проценка на ризикот од мозочен удар, на штанд поставен од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Кај 60 лица односно 34,5 отсто биле регистрирани зголемени вредности на крвен притисок, кај 34 лица (19,5 отсто) се утврдени зголемени вредности на шеќер во крвта и кај 45 лица (25,9 отсто) се регистрирани зголемени вредности на маснотии во крвта, изјави за МИА директорот на Клиниката, д-р Јован Божиновски.
Пациентите, посочи тој, беа од сите возрасни групи, а најмногу повозрасни и освен во Скопје бесплатни превентивни мерења вчера се извршени во Тетово, Кавадарци и Штип.
Во врска со тоа дали има доволно лекови за пациентите со невролошки заболувања, д-р Божиновски рече дека за секоја невролошка болест ги има неопходните специфични лекови и преку условниот буџет кој го имаат за одредени невролошки болести преку програмата за ретки болести од Министерството за здравство, и нема листи на чекање.
– Зборуваме за специфични одредени невролошки болести и за лекови кои се поскапи нема листи на чекање. Значи веднаш ако некој се дијагностицира после завршувањето на административните работи го добива лекот. Нема недостиг на лекови за пациентите во невролопшки заболувања, додаде д-р Божиновски.
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Клиниката организира серија активности насочени кон подигнување на јавната свест за мозочниот удар, значењето на превенцијата, раното препознавање на симптомите и навременото лекување.
На Клиниката денеска од 11 до 13 часот ќе се одржи Отворен ден за граѓаните, во чии рамки ќе се вршат бесплатни доплер-прегледи на каротидните артерии. Прегледите се достапни за сите заинтересирани граѓани во наведениот термин, без ограничување на бројот на прегледи.
Централниот настан ќе се одржи ќе се одржи утре во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, кој ќе биде посветен на значењето на превенцијата, навременото препознавање на симптомите и унапредувањето на здравствената грижа за пациентите.

