Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Ристовска во својата оставка наведува дека одлуката ја донела по неколкунеделните јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа во Комисијата. Таа тврди дека во текот на целата професионална кариера работела законито и совесно, а изразува жалење доколку одредени околности или можни административни пропусти довеле до неосновани сомнежи во јавноста.
Во дописот до Собранието, таа вели дека во сите ситуации каде што постоела можност за потенцијален судир на интереси, барала изземање согласно законот. Ристовска вели дека никогаш немала намера да прикрие информации и дека ги почитувала законските обврски.

Оставката на Ристовска следи откако институцијата каде работи таа, ДКСК, отвори два предмети кои се однесуваат на неа – за можен судир на интереси и за непријавување имот.
