Реклама
Прилози

За Венко Филипче постои некоја друга реалност: Никаде не слушнал дека Бугарија го негира македонскиот идентитет

Венко Филипче не гледа нешто што сите го гледаат, не слушнал дека…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Венко Филипче не гледа нешто што сите го гледаат, не слушнал дека Бугарија го негира македонскиот идентитет. Правдајќи ги потезите на неговите претходници Заев и Ковачевски, вели дека единствениот спас за Македонија, биле уставните измени и почеток на преговори за членство во Европската Унија. Според него со внесувањето на Бугарите во Уставот, буквално ништо не било загрозено, тоа било само лага на власта зошто не сакале вистински реформи и државата да оди напред кон Европа.  

-Ние никаде од Бугарија не сме слушнале дека го негира нашиот идентитет, ниту пак нешто е направено во време на владите на СДСМ со цел и резултат да се загрози нашиот национален идентитет. Ние имаме една работа и се знае кој е патот напред и што треба да се направи, со цел вистински да започнат реформите и со цел вистински практично да продолжи патот на евроинтеграции, а тоа се уставните измени, изјави Филипче.

Под палката на СДСМ во партнерство со ДУИ, Зоран Заев, а потоа и Димитар Ковачевски, прифатија се што Бугарија побара. Прво беше потпишан Договорот за добрососедство, потоа го прифатија и францускиот предлог, со кој се согласија на уставните измени, како и билатералните протоколи, со кои се негира македонскиот идентитет, како и многу други отстапки кон  официјална Софија, кои станаа услов на европскиот пат на Македонија.

Реклама

Филипче сега вели дека требало да се прифати Резолуцијата која ја предлага неговата партија, а која предвидува уставни измени да се направат веднаш.

-Можеби треба да се постапи така како што предложивме пред неколку месеци, а тоа е да ја потпишеме заедничката резолуција, за заедничките национални црвени линии. Резолуцијата која што ја напишавме, јас лично учествував во  нејзино пишување, ја доставив пред локалните избори до сите политички партии, ниту една партија не одговори, ама ниту една, од ВМРО-ДПМНЕ не очекувавме да одговорат. Што пишуваше во таа резолуција, во таа резолуција пишуваше да се направат уставните измени, да се почне преговарањето по поглавјата, изјави Филипче.

Инаку со договорите кои ги постигнаа владите предводени од СДСМ и ДУИ, сега тема на преговори се историски личности, Бугарија бара промена на учебниците по историја, а се преговара и за статусот на Гоце Делчев и целото Илинденско востание. Тоа е посебно проблематично знаејќи ги ставовите на Бугарија по ова прашање, односно дека нашиот најголем револуционер според нив бил Бугарин.

Матеја Петровски