Се шири списокот на лица кои се сомничат за финансиски злоупотреби во прилепската Болница. Рано утрово, Финасиската полиција го лишила од слобода прилепчанецот Д.К. во својство на службено лице при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп поради постоење на основано сомнение дека го сторил кривичното дело ”Проневера во службата”. Осомничениот, кој заработи и Кривична пријава, се товари за злопупотреба на парични средства во висина од 15.063.284 денари, за период од две години.
„Пријавениот во својство на самостоен референт – главен благајник во Одделение за материјално финансиско работење во Сектор за материјално – финансиски работи и сметководство при Болницата, во периодот од 01.01.2020до 31.12.2021година, со цел да прибави за себе противправна имотна корист, во повеќе наврати дел од наплатените и примени парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата и истите противправно ги присвоил за себе, односно за 2020-та година присвоил парични средства во износ од 6.568.726денари, а за 2021-ва година присвоил 8.494.558денари, со што го оштетил Буџетот на болницата во вкупен износ од 15.063.284 денари, – се вели во Соопштението од Управата за финансиска полиција.
Инаку, за период од два месеци ова е втора акција на приведување на лица осомничени за финасиски злоупотреби во прилепската болница, а на што укажа, а поднесе и соодветни пријави директорот на Болницата, Кире Јоноски уште веднаш по преземањето на функцијата во 2024 година. Тогаш, тој обелодени дека установата е во кататсрофална состојба со долг и обврски од околу 3 милиони евра. Притоа, се трошеле пари и за пртиватни луксузирања на „ајфони“, електрични тротинети, местење јавни набавки и тендери, се плаќале високи аванси на фирми за споредни услуги, се организирале родендени во игротеки, а се јадело и пиело и по ресторани, за што биле потрошени близу 100.000 евра.

Во првата голема акција на Финасиската полиција во октомври годинава беа осомничени и приведени 32 лица, од нив 16 се физички, а 7 правни лица кои се товарат за злоупотреби со јавни набавки, злоупотреба на службена положба и фалсификување и уништување деловни книги, со што предизвикале штета во вредност од околу 800.000 евра. На шестмина од осомничените уште тогаш им беше одреден и притвор во траење од 30 дена, а кој после истекот на тој рок на 21 ноември им беше и продолжен. Против 19 лица има мерка за претпазливост, а на 7 фирми од повеќе градови им е одредена забрана за учество при јавни набавки, а додека 9 други осомничени се гонат по скратена постапка.
