Центарот за регистар и Царинската управа дигитално се поврзаа. Заврши првата фаза од надградбата на едношалтерскиот систем, со кој отсега македонските компании по електронски пат ќе можат да ги добиваат потврдите за царински долг. На годишно ниво во просек се издаваат од 7000, до 9000 хартиени потврди за царински долг, а за секое барање, беа потребни минимум пет до седум дена, што претставуваше дополнителен административен товар за македонските фирми.
„Хартиените потврди за царински долг кои се потребни за упис и промени на правниот субјект во централниот регистар стануваат минато. Ценралниот регистар со само еден клик ги добива овие податоци од Царинската управа електронски во реално време, што за фирмите и граѓаните значи заштеда на време и ресурси. Истовремено на овој начин овозможуваме безбедност, интегритет и точност на обезбедените податоци, со што делуваме во насока за сузбивање на можни измами“, изјави Бобан Николовски, директорот на Царинската управа.
Во наредниот период Централниот регистар ќе ја прошири електронската размена и со Управата за јавни приходи, со цел автоматски да се добиваат потврдите за платени даноци и придонеси. Потоа ќе следи поврзување и со Централниот регистар на население, со што ќе се дигитализира и преземањето на податоците за граѓаните и фирмите. Ова значи уште поголема заштеда на време, намалени трошоци и надминување на административните пречки.

„Тоа е потврдата за платени даноци и придонеси и понатаму ќе следи поврзувањето со Централниот регистар на население, во делот на превземање автоматско на податоците на граѓаните, меѓутоа и на деловните субјекти во делот на Царина за платените царински давачки. Ова секако значи заштета на време за граѓаните, заштеда на средства финансиски, пред се патни трошоци, меѓутоа и надминување на административната работа која што во моментов ја имаме заедно со царина“, изјави Анита Стамнова, директор на Централниот регистар.
Македонските компании сè повеќе се прилагодуваат на дигиталното време, покажуваат бројките. Електронските поднесувања на документи и пријави годинава е зголемено за 40 отсто во споредба со 2023 година. Од надлежнте институции се задоволни бидејќи фирмите сè повеќе работат и поднесуваат документи дигитално, а електронските услуги стануваат новиот стандард за брза, модерна и ефикасна администрација.
