
Во Градската општа болница „8 Септември“ моментално се хоспитализирани 15 пациенти кои се повредени во трагичниот пожар во Кочани. Од нив, тројца се планирани за трансфер во странство.
Директорот, доктор Синиша Стојаноски, ги сподели најновите информации за состојбата на пациентите.
„По утринскиот пресек, состојбата на пациентите е стабилна во поглед на виталните параметри. Во однос на изведените операции, тие вклучуваат отстранување на некротично ткиво оштетено од изгорениците, во соработка со тимови од специјализираните центри. Овие операции помагаат да се создадат услови за постепено заздравување на раните. Во текот на овие денови, не само што се следеше евентуално влошување на состојбата на пациентите, туку исто така се третираа и повредите на пациенти кои не беа во критична состојба во првата фаза. Процесите на тријажа, мониторирање и прераспределба на пациентите според нивната клиничка состојба се одвиваа паралелно,“ изјави Стојаноски.

Тој додаде дека константно се извршуваат преврски на раните и се отстранува изумреното ткиво за да се овозможи заздравување.
