Американскиот претседател Доналд Трамп објави комерцијални договори и стратешки инвестиции во вредност од над 17 милијарди долари за компании од САД во Југоисточна Азија, по дводневната работна посета на Филипините по повод самитот на АСЕАН, соопшти Белата куќа.
Најголемиот поединечен договор се однесува на американските компании „Боинг“ и „GE Aerospace“, кои се согласија да ѝ продадат 20 авиони „Боинг 787“ на филипинската авиокомпанија „Филипин ерлајнс“ за 12 милијарди долари.
САД и Филипините ќе продолжат со разговорите за пакет американски заеми во вредност од над две милијарди долари, наменети за финансирање на филипинската набавка на воена опрема од американски производители, се додава во соопштението. Одделно, Вашингтон објави и 400 милиони долари воено финансирање за зајакнување на капацитетите на филипинската војска во Јужното Кинеско Море.
Тајланд планира да потроши до 123 милиони долари за купување американски ракетни системи HIMARS, што би можело да биде првата таква набавка во Југоисточна Азија, според соопштението на Белата куќа.
Во Индонезија, американската компанија Latitude Energy и државниот инвестициски фонд Danantara се во преговори за проект за експлоатација на јаглен вреден две милијарди долари.
Американската администрација исто така најави поддршка за развој на вештачка интелигенција во Малезија и Брунеи, со помош на американски компании.
Во Малезија, американската енергетска и рударска компанија Navajo Transitional Energy Company (NTEC) потпиша тригодишен договор вреден повеќе од 100 милиони долари за испорака на јаглен од нејзиниот рудник во сојузната држава Монтана, се наведува во соопштението.

