Млечни производи и месни преработки, ајвар, лутеница, маџун, мармалади, путери од лешник и други јаткасти плодови, вино, ракија, сокови од овошје и шумски плодови, се само дел од понудата на саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, што ќе се одржи утре кај Школка, во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 10 часот.
На саемот ќе има и органски производи.
Дегустациите на домашна храна и средбите со производителите ќе бидат надополнети со културно-уметничка програма со етно музика и настапи на пејачки и играорни групи.
Како што е најавено, пред присутните ќе се обрати министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
– На македонската трпеза секој крај носи нешто свое. Во богатството од вкусови и во квалитетот на традиционалната храна се препознаваат и даровите на природата и вештината што семејствата ја пренесуваат од колено на колено. Трудот зад тие производи заслужува почит, а нивниот квалитет треба соодветно да се вреднува и на пазарот. Ќе продолжиме да ги поддржуваме производителите на традиционална храна за да можат да ја развиваат својата понуда и да стигнат до повеќе потрошувачи, вели Серафимовски во пресрет на саемот.
Според Министерството за земјоделство, саемот ја истакнува и улогата што ја има локалната храна во развојот на руралниот туризам.
– Саемот го организира здружението „Ж’та“ од Кавадарци, избрано по јавен повик, под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За настанот е обезбеден буџет од еден милион денари преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година, информира МЗШВ.

