Да се подигне свеста за малнутрицијата (состојба на намалување на мускулната маса, сила и функционалност на организмот) со цел пациентите кои со неа се соочуваат да бидат во подобра состојба и да имаат подобар исход во лекувањето. Секој сегмент поврзан во здравствениот систем од примарно, секундарно и терцијарно здравство треба да се вклучи во превенција на малнутриција, апелираа денеска докторите по повод Светската недела за одбележување на подигнување на свеста за малнутрицијата Во врска со тоа денеска на Клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се одржува семинар.
Раководителот на Одделот за анестезија и интензивно лекување на ТОАРИЛУЦ, д-р Марта Тренева Ничевска, рече дека секојдневно имаат пациенти со малнутриција, состојба која доведува до една карика на соочување со продолжување на болничкиот тек на лекување, имаат зголемени трошоци во болничкото лекување и се оптоварува целокупниот здравствен систем. Таа апелира до сите чинители во здравствениот систем кои се во контакт со пациентите да преземаат мерки за превенција, за справување и за подобрување на исходот од лекувањето на пациентите.
– Најчести пациенти со малнутриција се хируршките пациенти, онколошките пациенти, геријатриската популација и пациентите кои се сместени во единиците за интензивно лекување. Во светски рамки малнутрицијата е изразена најмногу кај овие групи на пациенти, рече д-р Тренева Ничевска и додаде дека кај нив можат да се вршат хируршки интервенции, но бројноста на компликации се зголемува, затоа што тие се фрагилна група на пациенти.
Според неа, секој сегмент поврзан во здравствениот систем од примарно, секундарно и терцијарно здравство можат да се вклучат во превенција на малнутриција.
Матичните лекари, посочи таа, се првите кои доаѓаат во контакт и првите кои дознаваат дека пациентот има одредена болест и лесни се скрининзите за да се користат, за да можат да не насочат понатаму и да се преземат мерки во однос на подобрување на исхраната за да го имаме подобриот исход за пациентот.
– Кога веќе ќе го направиме скринингот и ќе дојдеме до податок од каков ризик, дали е лесен, среден или тежок степен на потхранетост, тогаш преземаме соодветни чекори во однос на, тука е веќе широката темата што ќе ја опфатиме. Секогаш нутрицијата, односно исхраната е таа која ќе ни помогне да ја подобриме состојбата на пациентите. Доколку оралната исхрана е можна, односно преку уста, тогаш одиме со таков тип препарати, орални нутритивни суплементи и воедно збогатена исхрана. Доколку оралниот внес на исхрана е невозможен, тогаш имаме други начини на исхрана, а тоа е веќе во болнички услови, тоа е ентерална и парентерална исхрана.
Директорот на Клиниката за ТОРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски рече дека многу е битно и предоперативно и постоперативно да има нутриција. Зголемениот број нови суплементи во светски рамки, појасни, веќе почнуваат да доаѓаат и кај нас и формираме тимови за едукација.
– Најмногу се опфатени сестрите во тие тимови. Со почеток на овој семинар денеска најверојатно ќе ги дисперзираме сите знаења кои ги имаме за нутрицијата од светски рамки, па и кај нас. Тоа е цела наука за нутриционизам. Нашите школи добро ги имаат обучено сестрите. Веќе и она што им се презентира со најновите методи брзо го сфаќаат, рече Меџановски.
Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека дел од суплементите се на товар на Фондот за здравствено осигурување. Појасни дека се разговара многу добри суплементи да бидат на товар на Фондот за здравство.
– Тоа се пациенти кои подолго време се во болнички услови и исто така пациенти кои постоперативно се пуштаат на домашно лекување и не се згрижени како што треба, значи не се нутриционирани како што треба со одреден вид витамини, протеини и сите потребни нутритивни храна, препарати, додаде Мерџановски.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски, кој е претседател на Конзилиумот за баријатриска и метаболна хирургија, рече дека на семинарот ќе говори за тема по однос на саркопенија и по однос на едно поле кое се развива последнова година поинтензивно, а тоа е полето на баријатриска хирургија или метаболна хирургија или хирургија на дебелина.
Посочи дека тоа е еден проект што го почнале во соработка со Министерството за здравство и имаат успешна клиничка серија од околу 20-тина пациенти кои се оперирани со слив гастректомија (хируршка процедура за слабеење при која се отстранува 75 отсто до 85 отсто од желудникот), една стандардизирана процедура.
– Тоа го надградивме со формирање мултидисциплинарен тим составен од баријатриски хирург, гастроентеролог кој ги прави повеќе од дваесетина скрининг гастроскопии. Сега сме во зачеток на една нова под дисциплина во баријатријата или ендобаријатрија, за која имаме хирурзи на обука, за што веќе е обучена професорката Николова. Имаме клинички нутриционист, односно хирург прилагоден да работи за нутриција, имаме психолог, ендокринолог, наставник по физикална медицина во склоп на мултидисциплинарниот конзилиум. Тоа го издигвме на едно ниво каде на овие пациенти им е неопходно не само предопреативна подготовка, не само оперативен зафат, туку и едно сериозно постоперативно следење што е поддржано со оваа нутрициja. Денешното предавање би било на овој семинар за саркопенија кај баријатриски пациенти и за метаболните предизвици кај истите, додаде д-р Костовски.

