Соединетите Американски Држави се обидуваат да постигнат договор со кој би се рестартирала продажбата на руски природен гас во Европа преку Украина. Но, Трамп се соочува со силен отпор од страна на европските земји, пишува „Волстрит џурнал“.
Предлогот беше презентиран за време на септемвриските посети на Москва и Киев од страна на претставникот на Трамп, Стив Виткоф, и зетот на претседателот, Џаред Кушнер. Американските преговарачи веруваат дека враќањето на европскиот пазар на гас би можело да биде доволно голем економски поттик за рускиот претседател, Владимир Путин, да се согласи да го прекине нападот врз енергетската инфраструктура.
Украина исто така би имала корист, бидејќи повторно би можела да наплаќа транзитни такси за рускиот гас што минува низ нејзините гасоводи до Словачка, Австрија и други европски земји. Белата куќа предложила приходите од продажбата на рускиот гас да се депонираат на посебна сметка во трета земја.
Целта би била да се спречи Москва веднаш да ги користи парите за финансирање на војната против Украина. Не е познато под кои услови Русија би можела да располага со тие средства.

