Нино Васев и Нехад Нухи повторно негираа вина пред судот, откако процесот за „Онкологија 2“ почна од почеток поради промена во судечкиот совет. Двајцата поранешни директори на Клиниката за онкологија се гонат бидејќи ја злоупотребиле довербата од граѓаните и здравствениот систем со цел сопствено богатење. Обвинителството тврди дека тие наместо во интерес на клиниката и на онколошките пациенти, работеле во свој личен и во интерес на приватни компании.
- „Не. Не се чувствувам виновен за делата што ми се ставаат на товар“ – изјави првообвинетиот Васев пред Судот.
Нухи пак рече дека не му е јасно зошто ова обвинение го опфаќа него затоа што немало врска со неговото работење како економски директор на Клиниката.
- „Не во јазична форма. Не ми е јасен обвинителниот акт и не знам зошто сум обвинет, бидејќи овој обвинителен акт нема врска со моето работење на Клиниката“ – изјави Нухи.
Одбраната на Васев, тврди дека обвинението не се базира на реални докази и се води од претпоставки и вештачки конструкции. Адвокатот на Нухи пак реагираше откако обвинителството предложи дополнителни докази за финансиското работење на Клиниката, дека двајцата обвинети биле гонети за друг доказен материја.
- „Не знам зошто сега не чини, ако се знае дека овие луѓе беа во притвор 13 месеци врз основа на тој доказен материјал. Зошто сега овој доказен материјал не чини и се поднесува нов. За мене 13 месеци притвор не е мерка, туку казна – изјави адвокат Анита Бегова-бранител на Нухи.
Обвинителството Васев и Нухи, ги товари дека за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. Васев е обвинет и во предметот „Онкологија 1“ заедно со други двајца лекари за несовесно лекување пациенти.

