Ние сме единствената држава која од моментот кога го вовела Вториот пензиски столб нема направено никаква промена. Сега се прават сите анализи, ние сме отворени, кога ќе дојде мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе ги разгледуваме сите опции, не само во Македонија, ќе ги разгледуваме опциите и во другите земји каде што постоел Вториот столб, бидејќи сега само постои тука – рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
-Ние разговаравме и морам да кажам дека кога ги објаснувавме ситуациите што се случуваат во Македонија и како од 2000-та година кога почнал овој проект, бидејќи почнал во 2000-та, а подоцна веќе се донесe и законско решение – замислата била една, тогаш била замислата дека приносот кој што идните пензионери ќе го остваруваат во Вториот столб ќе биде повисоко од она што значи раст на економијата. Во овој момент ние имаме раст на економијата повисок од приносот кој што го остваруваме, а кој што е некаде околу 2 отсто. Сето тоа беше објаснето. Морам да кажам дека во ММФ привлековме многу големо внимание, имавме средба со заменикот на претседателката на ММФ. Тој рече дека дополнително ќе направат анализи на тоа што се случува во Македонија, ние имаме мисија сега во ноември на ММФ и врз основа на тоа дури и рече дека ќе го искористи како Кејс стади (Студија на случај) за настани кои што ги организираат во Шангај во ноември каде што ќе зборуваат исклучиво за пензиските фондови – рече министерката.
Таа истакна дека има држави коишто го национализирале Вториот столб, има држави кои што во текот на 2020 година поради корона кризата запреле со трансфери кон Вториот столб, а има и држави кои што имаат различни модалитети и додаде дека сите ги разгледуваат во моментот.
-Но она што е значајно што треба да се каже дека за 2027, имајќи предвид дека ние немаме во моментот какви било законски измени, ние си остануваме и понатаму со тоа дека трансфери кон вториот столб ќе има, тие се предвидени со буџетот – појасни министерката Димитриеска Кочоска.
Вели дека кога се разгледуваат можни опции, не станува збор дали да се затвори или да не се затвори каква било дупка во Фондот. - Јас би порачала на секој еден млад човек, којшто одвојува средства за Вториот столб, повеќе да посветите внимание на пресметките и да видите дали навистина Вториот столб ги дава резултатите и дали вие ќе бидете задоволни со тоа што ќе го добиете кога ќе се пензионирате – рече министерката.
Димитриеска Кочоска потсети дека две третини од пензијата која што ние ќе ја остваруваме во иднина ќе доаѓа од државниот фонд, една третина ќе доаѓа од Вториот столб.
-И таа една третина ќе доаѓа толкав период колку што ние ќе кажеме кога ќе се пензионираме на пензиското друштво, на пример 5 години, по што ќе направат план и така ќе ни ги исплаќаат средствата. Притоа што после тие пет години, значи ние остануваме понатаму да чекаме пензија од државниот пензиски фонд? И ако мислиме дека ќе пропадне, тогаш од старт значи да очекуваме дека ние нема да може да преживееме и да се прехраниме. Затоа не смееме да размислуваме така, туку напротив дека точно треба да гледаме како да го стабилизираме фондот, треба да гледаме како понатаму, но затоа велам, сега се прават сите анализи, ние сме отворени – посочи министерката.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера истакна дека нема проблеми во одржувањето на пензискиот фонд и исплатата на пензиите. Сепак, смета, треба да се размисли што да се направи за да се спречат евентуални проблеми во иднина, особено, како што нагласи, поради тоа што реформата што била спроведена во пензискиот сисем со воведување задолжителен втор столб не ги дала посакуваните резултати. Правецот во кој се размислува, како што нагласи, е на граѓаните во иднина да им се остави можност да изберат дали би сакале да издвојуваат средства и во вториот или би останале само во првиот – државниот фонд, но за тоа, нагласи е потребна експертска јавна дебата. Тој вели дека ќе преземе се што е потребно доколку е тоа во интерес на македонските граѓани без разлика на политичката цена.

