Министерот за здравство Сашо Клековски денеска се обрати на отворањето на 12. турски медицински светски конгрес во Истанбул, што го организираат Министерството за здравство на Република Турција и Институтот за здравство на Турција, со мотото „Иновативно здравство: отпорни здравствени системи наспроти глобалните здравствени закани“.
Како што соопштија од Министерството за здравство, на отворањето, покрај турскиот министер за здравство, проф. д-р Кемал Мемишоглу, се обратија и министри за здравство од повеќе земји, меѓу кои на Малта, Босна и Херцеговина, Киргистан и други.

– Глобалните здравствени предизвици бараат заеднички одговори. Затоа Македонија останува отворена за соработка со сите партнери што ја споделуваат визијата за модерни, иновативни и отпорни здравствени системи – истакна Клековски во своето обраќање честитајќи му на турскиот народ 103 години од прогласувањето на Република Турција и посакувајќи мир и благосостојба.
Дигиталната трансформација на здравството е еден од приоритетите на Министерството, каде што Турција има значајно искуство. Министерот Клековски притоа ја нагласи и соработката со Турција.
– Република Турција за нас е долгогодишен и искрен пријател и значаен партнер – рече Клековски.

Тој посочи дека Турција изградила значајни капацитети во производството на лекови, вакцини и медицински помагала и во здравствените технологии. Според него, постои простор за соработка меѓу двете земји, во дигиталното здравство, истражувањето, иновациите и трансферот на технологии.
Во рамките на посетата министерот Клековски ќе оствари повеќе билатерални средби, вклучувајќи и со министерот за здравство на Турција, Мемишоглу, стои во соопштението.

