Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, денеска го посети Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и имаше средба со ректорот, проф. д-р Беким Фетаи, и со неговите соработници проректори.
Како што соопшти Министерството, ректорот Фетаи и професорите Фати Исени и Мурат Алиу го информираа министерот Ферати за актуелните состојби на универзитетот, инфраструктурните проекти, предизвиците со кои се соочува институцијата, како и за тековните процеси насочени кон унапредување на високото образование и подобрување на академските услови.

-Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката меѓу државните институции и високообразовните установи, со цел создавање подобри услови за студентите, поддршка на академскиот развој и зајакнување на улогата на универзитетите во општествениот развој. Министерот Ферати ја нагласи важноста на континуираната комуникација со академските институции и разгледувањето на прашањата поврзани со развојот на образованието, можностите за младите и перспективите на новите генерации, се наведува во соопштението.
Во рамки на посетата, министерот Ферати учествуваше и на панел-дискусијата на тема „Охридскиот рамковен договор и генерацијата што не чека: 25 години зад нас, 25 години пред нас“, на која беа разгледани развојот во изминатите 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, неговото значење за меѓуетничките односи и перспективите на новите генерации во изградбата на едно инклузивно општество.
Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, денеска учествуваше како панелист на дискусијата организирана од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, на тема „Охридскиот рамковен договор и генерацијата што не чека: 25 години зад нас, 25 години пред нас“.
За време на дискусијата, министерот Ферати направи осврт на историските и политичките случувања што ги одбележаа изминатите 25 години, истакнувајќи ја улогата на Охридскиот рамковен договор во воспоставувањето на мирот и стабилноста, како и во унапредувањето на правата на заедниците. Тој нагласи дека периодот што претстои бара нов пристап, насочен кон зајакнување на довербата меѓу заедниците, воспоставување дијалог со сите засегнати страни и подигнување на примената на законите и владеењето на правото на повисоко ниво.
Посебно внимание беше посветено на инвестирањето во младите генерации преку квалитетно образование и развој на стручни кадри способни да одговорат на брзите промени на пазарот на трудот. Министерот Ферати ја истакна важноста од подготовката на младите за економијата на иднината, во која дигитализацијата, иновациите и извозот на интелектуални услуги ќе бидат меѓу клучните фактори за конкурентност и економски развој.
Од дискусијата произлезе пораката дека, додека изминатите 25 години беа од пресудно значење за воспоставувањето на мирот и стабилноста, следните 25 години треба да бидат насочени кон подобрување на животниот стандард и создавање поголеми можности за младите генерации што доаѓаат.

