Безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник, а создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина останува еден од приоритетите на Министерството за економија и труд, истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешниот настан по повод одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, на кој се доделуваат и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.
-Безбедноста и здравјето при работа не се само законска обврска или исполнување на пропишани стандарди. Тие се основно право на секој работник, прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност. Нашата цел е јасна – секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден, нагласил Дурмиши.
Во своето обраќање, како што соопшти Министерството за економија и труд, Дурмиши посочил дека брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организација на работата, покрај можностите за поголема продуктивност и економски раст, носат и нови предизвици за заштитата на работниците. Особено внимание, како што нагласил, мора да се посвети на психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје на вработените.
-Наш приоритет е континуирано унапредување на законската рамка, зајакнување на превенцијата и создавање услови во кои економскиот и технолошкиот напредок ќе бидат проследени со повисоки стандарди за заштита на работниците. Градиме пазар на труд во кој безбедноста и здравјето не се дополнителна обврска, туку составен дел од секој работен процес – изјавил Дурмиши.
Министерот ја потенцирал и заедничката одговорност на институциите, работодавачите, синдикатите, инспекциските служби и самите работници во воспоставувањето култура на превенција, при што особено ја истакна улогата на компаниите.
-Вложувањето во безбедни и здрави работни услови не треба да се гледа како трошок, туку како долгорочна инвестиција во луѓето, во продуктивноста на компаниите и во конкурентноста на нашата економија. Само здрав и заштитен работник може целосно да го реализира својот потенцијал, а компаниите што се грижат за своите вработени создаваат основа за одржлив развој – порачал министерот.
Во рамки на настанот, посебно внимание било посветено на компаниите кои со своите практики придонесуваат за унапредување на стандардите за безбедност и здравје при работа.
Дурмиши изразил задоволство од интересот на компаниите кои и оваа година се пријавија за Националната награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа, нагласувајќи дека нивната посветеност треба да биде поттик и пример за останатите работодавачи.
Тој упатил честитки до наградените компании и благодарност до Советот за безбедност и здравје при работа, социјалните партнери и сите чинители кои придонесуваат за подобрување на условите за работа.
Министерството за економија и труд, се додава во соопштението, ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на регулативата, подигнување на јавната свест, зајакнување на превентивните мерки и соработката со социјалните партнери, со цел обезбедување повисоко ниво на заштита на работниците.
-Нашата заедничка цел не е само исполнување на законските обврски, туку создавање работна средина во која секој човек ќе се чувствува сигурно, заштитено и почитувано. Економскиот развој има вистинска вредност само кога оди заедно со заштитата на здравјето, безбедноста и достоинството на работниците, заклучил министерот Дурмиши.

