На градскиот плоштад во Берово денеска се одржува петтото јубилејно издание на автомобилската манифестација „Classic car tour ’26 – Spa, Wine & Mountain“, која ги обединува љубителите на ретките и класичните автомобили и придонесува за промоција на туристичките потенцијали на Малешевијата.
Манифестацијата официјално ја отвори градоначалникот на Берово, Петар Ружински, кој ги поздрави присутните и им се заблагодари на организаторите за нивниот ангажман и за изборот Берово да биде дел од оваа автомобилска приказна.
Изложбата на ретро и класични автомобили, надополнета со музичка програма, создаде пријатна атмосфера на градскиот плоштад и привлече внимание кон автомобилската традиција, но и кон природните убавини и туристичката понуда на Малешевијата.

Ружински истакна дека поддршката на ваквите настани е дел од заложбите за афирмација на локалните вредности, поттикнување на туристичкиот развој и промовирање на Берово како привлечна дестинација за посетители од земјата и странство.
Со одржувањето на јубилејното издание на „Classic car tour ’26 – Spa, Wine & Mountain“, Берово уште еднаш се претставува како туристички центар кој ги поврзува природната убавина, автентичноста и гостопримството.


